
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозициската СДСМ дека преку свои влијанија во правосудството се обидува да избегне одговорност за случајот со модуларната болница, откако судијата Африм Фидани ги ослободил поранешните директори на тетовската болница Артан Етеми и Флорин Бесими за пожарот во кој загинаа 14 лица.
Заменик-генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција, рече дека ова е уште еден случај во кој, според него, судството постапува во одбрана на поранешни функционери на СДСМ и ДУИ.
Тој направи споредба со случајот со пожарот во модуларната болница, посочувајќи дека претходно обвинителот Ислам Абази не отворил предмет за поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
„Откако пред само некој месец Ислам Абази го амнестираше Филипче за било каква вина во случајот со модуларните болници, со тоа што не отвори случај за истите, денес Африм Фидани ги ослободи Артан Етеми и Флорин Бесими, поранешни директори на тетовската болница за пожарот во кој загинаа 14 наши сограѓани“, изјави Петрушевски.
Тој праша како е можно за пожарот во модуларната болница да нема обвинети или осудени лица, како и зошто поранешниот министер Филипче не бил повикан ниту на информативен разговор.