Пристапниот пакет за Црна Гора би требало да постави модел за финансирање на идните проширувања на Европската Унија, што дополнително ги компликува веќе напрегнатите расправи за следниот долгорочен буџет. Европската комисија минатиот месец го претстави финансискиот пакет за пристапувањето на Црна Гора, која моментално го предводи процесот меѓу земјите кандидатки.

Економскиот трошок за влезот на таа држава од Западен Балкан со околу 626.000 жители е проценет на 3,2 милијарди евра, пишува „Евроњуз“.

Иако финансискиот ефект е минимален во споредба со долгорочниот буџет на ЕУ од речиси два трилиони (два билиони) евра, влијанието на Црна Гора врз чувствителните преговори би можело да биде значително поголемо од она што го сугерира нејзината големина. „Финансискиот пакет за Црна Гора ќе биде спорен, не толку поради самиот износ, колку поради принципот“, рече дипломат на ЕУ кој сакаше да остане анонимен поради чувствителноста на темата.

Процесот на проширување на ЕУ, кој со години беше во застој по влезот на Хрватска во 2013 година, доби нов замав. Официјални лица од Комисијата истакнуваат дека во последните шест месеци е остварен поголем напредок отколку во изминатата деценија.

Тие поттик, меѓутоа, покрена и барања за реформа на пристапниот процес, па неколку европски главни градови предлагаат нови демократски заштитни механизми и постепена интеграција за кандидатките како Украина. Црна Гора, за која пред неколку недели започна изработката на пристапниот договор, така стана тестен случај за идниот бран на проширување.

Истовремено, Комисијата ги подготвува своите предлози за да ја преземе иницијативата во таа област. „Црна Гора е преседан. Не би требало да биде, но тоа е неизбежно“, рече друг дипломат. Тој порача дека државите членки сакаат нивните ставови од преговорите за новата повеќегодишна финансиска рамка да се одразат и на ова прашање.

Главното спорно прашање ќе биде како да се финансираат дополнителните трошоци што ги носи влезот на Црна Гора – со прераспределба на постојните ресурси или со пронаоѓање нови. Еднакво е важно и какви последици ќе има тоа врз фондовите на Унијата.

Програмите за финансирање се одраз на различните политички приоритети на државите членки и се главна точка на раздор во буџетските преговори. Земјите од јужна и источна Европа бараат повеќе средства за кохезиската и земјоделската политика, додека северните членки инсистираат на инвестиции во конкурентноста и одбраната.

Ако стане членка, Црна Гора ќе биде нето-примателка, што значи дека од буџетот ќе влече повеќе пари отколку што ќе уплаќа во него. Според предлогот на Комисијата, значителен дел од кохезиските и земјоделските средства би дошол од ресурсите што Црна Гора требаше да ги добие преку програмата „Глобална Европа“, наменета за развојна помош.

Со други зборови, штом Црна Гора го изгуби правото на развојна помош, тие веќе доделени пари би се пренасочиле во земјоделските и регионалните фондови, но прашањето за финансирање на останатите програми останува отворено. Затоа Комисијата предлага пропорционално зголемување на средствата за областите како што се одбраната и конкурентноста. Со тоа се сака да се обезбеди финансирањето за сегашните 27 членки да не биде загрозено.

Сепак, останува отворено прашањето за изворот на тие дополнителни пари. Тоа би барало или нови приходи од даноци на ниво на ЕУ, таканаречени сопствени средства, или поголеми национални придонеси од државите членки.

Државите нето-уплаќачи како Германија и Холандија, познати по својата штедливост, се залагаат за намалување на вкупниот буџет на ЕУ за националните придонеси да бидат што помали и веројатно ќе инсистираат на прераспределба на постојните средства.

Иако износот е занемарлив за националните буџети, ова прашање ќе постави преседан за идните пристапни договори, од помали земји како Албанија и Молдавија до значително посложениот случај со Украина.

Исходот би можел да биде поважен од самата борба за моќ околу распределбата на парите во Унијата, бидејќи би можел да делува и одбовно за побогатите земји кои размислуваат за членство, а кои од самиот почеток би биле нето-уплаќачи.

На пример, Исланд кон крајот на август ќе одржи референдум за повторно покренување на пристапните преговори, кои беа обуставени во 2015 година. „Црна Гора поставува преседан“, рече друг извор директно упатен во темата. „ЕУ ќе мора да биде доследна во идните пристапни процеси. Прашањето од кој фонд ќе се земаат пари ќе биде многу спорно.“