
Политичката партија ВЛЕН соопшти дека започнале градежните активности за регулирање на коритото на Сува Река (Луми и Тхат) во Општина Сарај, проект кој, според нив, претставува една од најзначајните инфраструктурни инвестиции за овој регион. Вредноста на проектот е проценета на над 6 милиони евра, а целта е да се надмине долгогодишниот проблем со излевањето на реката и опасноста од поплави.
Од ВЛЕН наведуваат дека реализацијата на проектот е резултат на ангажманот на повеќе институции, посочувајќи ја улогата на Изет Меџити, кој го започнал процесот во периодот кога бил прв вицепремиер и министер, како и актуелната работа на градоначалникот на Сарај, Мухамет Елмази, и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа.
„Почетокот на градежните работи за регулирање на коритото на Сува Река (Луми и Тхат) во Општина Сарај е добар предзнак за илјадници жители од овој крај. Оваа стратешка инвестиција, која изнесува над 6 милиони евра, му става крај на повеќедеценискиот проблем кој претставуваше опасност за животот на граѓаните, имотот и земјоделските земјишта“, наведуваат од ВЛЕН.
Во партиското соопштение се посочува дека жителите на Сарај повеќе од две децении чекале трајно решение за проблемите предизвикани од поплавите. Од ВЛЕН тврдат дека во изминатиот период имало бројни ветувања за решавање на овој проблем, но без конкретна реализација.
„Сарај цели 22 години беше оставен во заборав. Секој изборен циклус беше проследен со истите ветувања, додека по изборите граѓаните остануваа со поплави, материјални штети и разочарување. Затоа, денес на оваа политика на измами ѝ дојде крајот и граѓаните со право прашуваат: зошто Сарај со децении беше оставен без заштита и зошто илјадници семејства беа принудени да живеат во страв од секои врнежи и поплави?“, се наведува во соопштението.
Од ВЛЕН оценуваат дека започнатиот проект е доказ дека, како што велат, ветувањата се претвораат во конкретни активности на терен. Партијата порача дека ќе продолжи со поддршка на проекти кои, според нив, треба да придонесат за подобар квалитет на живот и одржлив развој во општините.