Младиот креативец Владимир Трајанов од Струмица е победник на младинскиот конкурс за дизајн на маица, кој годинава беше организиран во рамки на „Креативен ден 2026“ во Битола, во организација на Божиловиќ продукција и СОУ „Таки Даскало“, во соработка со текстилната компанија ЕАМ од Штип.

Трајанов, роден во 2010 година, е ученик во ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ во Струмица, каде се образува за техничар за дизајн на облека. Неговиот авторски дизајн беше избран за најдобар меѓу трудовите пристигнати од средни модно-текстилни училишта од целата држава.

Конкурсот им овозможи на средношколците преку сопствен визуелен израз и порака да го претстават својот став, идентитет и креативност, а пристигнатите трудови ги оценуваше стручно жири составено од претставници на „Креативен ден“ и компанијата ЕАМ.

Како победник, Владимир Трајанов беше специјален гостин на „Креативен ден 2026“, а освои признание, 30 маици изработени со неговиот дизајн и посета на текстилната компанија ЕАМ.

Годинашното, петто јубилејно издание на „Креативен ден“ се одржа под темата „Филм“ и обедини повеќе од 30 тимови од девет средни училишта од девет градови во земјата. Настанот уште еднаш го потврди потенцијалот на новата генерација млади модни креативци и нивната подготвеност за професионален развој во областа на модата и дизајнот.

The post Владимир Трајанов од Струмица победник на државниот конкурс за дизајн на маица на „Креативен ден 2026“ appeared first on Radio StrumicaNet.