ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата на СДСМ за состојбите во сточарството, оценувајќи дека опозициската партија повторно шири невистини и дека секторот бележи позитивни резултати.Од партијата велат дека сточарите сè уште го паметат периодот на владеење на СДСМ по доцнењето на субвенциите за предадено млеко, кои, според нив, не биле исплаќани и по 17 месеци.Како аргумент за подобрената состојба, ВМРО-ДПМНЕ се повикува на податоци од Државниот завод за статистика.„За првпат по 10 години во 2025 година бележиме зголемување на произведените количини на кравјо млеко за 2,7 проценти во споредба со 2024 година. Зголемување има и кај производството на овчо млеко за 4 проценти“, велат од партијата.Според нив, паралелно со растот на производството, зголемена е и финансиската поддршка за сточарите.Поддршката за предадено кравјо млеко е зголемена од пет на шест денари по литар, додека за овчо и козјо млеко од шест на седум денари.Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека се зголемени и субвенциите за товни раси на говеда, од 4.000 на 6.000 денари, како и за останатите раси, од 3.000 на 4.500 денари.Зголемување има и кај поддршката за обележани грла овци и кози постари од 12 месеци, од 2.000 на 3.000 денари по грло.Партијата наведува дека е воведена и нова мерка за зголемување на бројот на основните стада, при што поддршката е за 30 проценти повисока од основните мерки за говеда, овци и кози.„Политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се насочени кон создавање модерно и конкурентно земјоделство“, се наведува во реакцијата.Ова следува откако СДСМ претходно обвини дека сточарите се соочуваат со проблеми со откупот на млекото, ниски цени и доцнење на субвенциите.