
„Владата нема добиено никакво официјално известување за каква било постапка или проверка, па затоа не би коментирале информации што се темелат на медиумски објави или политички изјави“, велат од Владата за „Локално“ откако новата влада во Унгарија, предводена од премиерот Петер Маѓар, најави дека отвори истрага за поволниот заем од 1 милијарда евра што претходната власт на Виктор Орбан му го додели на Македонија. Колку за потсетување, кредитот беше обезбеден преку унгарската државна „Ексимбанк“ во 2024 година, со фиксна камата од 3,25%, 3-годишен грејс-период и рок на отплата од 15 години.
Од Владата порачуваат дека она што можат со целосна одговорност да го потврдат е дека поволните каматни стапки кои ги доби Македонија се доказ за поволноста на самиот договор за заем како и на стабилната економска и политичка состојба која ја гради оваа Влада, што воедно е најсилен демант на невистините кои ги шири опозицијата.
-Воедно, целокупната постапка за обезбедување и реализација на заемот со Унгарската експорт-импорт банка е спроведена целосно согласно законските прописи во Република Македонија. Потпишувањето на договорите од страна на Министерството за финансии е извршено врз основа на заклучок на Владата, согласно Законот за јавен долг и законите за задолжување на Република Македонија со заем кај Унгарската експорт-импорт банка, кои беа претходно донесени од Собранието, посочува портпаролката на Владата, Марија Митева.
Во ставот на Владата се додава дека сите надлежни институции постапувале и постапуваат во согласност со важечките законски процедури, со целосна институционална и правна основа.
-Македонија е договорна страна која ги има исполнето своите законски и договорни обврски и нема основ за шпекулации дека државата би можела да биде вовлечена во каков било правен или политички спор. Очигледно е дека дел од јавноста повторно се обидува преку шпекулации и непотврдени информации да создаде политичка неизвесност околу проект кој обезбеди значајни финансиски средства за поддршка на економијата, општините и развојните проекти. Владата останува транспарентна и ќе продолжи да ја информира јавноста за сите проекти и договори кои имаат за цел да го подобрат животниот стандард на граѓаните, децидни се оттаму.
Говорејќи за заемот на Македонија, унгарскиот премиер вчера наведе дека тој бил даден под многу поволни услови со каматна стапка од 3,25 проценти. Заемот, како што рече тој, ќе го чини унгарскиот буџет 90 милијарди форинти (околу 248 милиони евра) поради каматните разлики, а целиот ризик од заемот го покрива унгарската држава.
Според Маѓар, каматната стапка по која државната „Ексимбанка“ ѝ го дала кредитот на Македонија е далеку поповолна од оние каматни стапки по кои унгарските компании и граѓаните на земјата добиваат заеми, но и од стапката по која самата унгарска држава зема кредити. Во тој контекст, тој, како пример, ја спомена нуклеарната централа „Пакш“, за која Унгарија добила средства со многу повисока камата, како што тоа било случај и во многу други трансакции.
Унгарскиот кредит од кој се делат парите за општините, беше најавен во јули 2024 година кога од маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски најави дека го договорил заемот со унгарскиот премиер Виктор Орбан. На 8 октомври 2024, министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска отпатува во Будимпешта каде го потпиша договорот за заем од пола милијарда евра со претставници на унгарската Експорт-импорт банка.
Во декември 2024, македонската Влада потпиша договор и за втор заем од Унгарија од пола милијарда евра, кој беше наменет за раздолжување на еврообврзница.
Н.П.