
Владата информира дека од првиот момент е во постојана координација со надлежните институции и активно го следи развојот на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар. Паралелно со преземањето институционални мерки, контролите и анализите што ги спроведуваат надлежните служби, донесена е одлука за итна поддршка на граѓаните.
Како привремена мерка, Владата ќе обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно во наредните неколку дена, со цел да се задоволат основните потреби на населението додека траат проверките и препораките на здравствените и надлежните институции.
„Владата од првиот момент е во постојана координација со сите надлежни институции и внимателно го следи развојот на настаните“, се наведува во соопштението, при што се посочува дека приоритет останува заштитата на здравјето на граѓаните и брзото надминување на состојбата.
Дистрибуцијата на водата ќе ја организира Службата за општи и заеднички работи на Владата преку повеќе пунктови во Гостивар. Граѓаните ќе можат да ја подигнат водата на следните локации: Водостопанство – Гостивар на улица ЈНА бр. 139; градинката „Пролет“ на улица Беличица бр. 47; СЕОУ – Гостивар на улица Живко Брајковски бр. 39; ЈП Национални шуми – Подружница „Шар“ на улица Браќа Ѓиноски бр. 165; АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница) на улица Илинденска; Општа болница „Ферид Мурад“ – паркинг на улица Чеде Филиповски бр. 29 и Територијалната противпожарна единица на улица Беличица бр. 35.
Од Владата додаваат дека надлежните институции продолжуваат со интензивни контроли, лабораториски анализи и истражни активности за утврдување на причините за настанатата состојба. „Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси одговорност согласно закон“, се вели во соопштението на Владата на Република Македонија.