
Владата денеска го усвои Предлог-буџетот за 2027 година, чии основни цели се одржување стабилни јавни финансии, постепена фискална консолидација и создавање силни предуслови за економски раст и инвестиции. Документот предвидува редовна исплата и раст на платите и пензиите, како и значително повеќе средства за здравствена и социјална заштита. Овие проекции пред јавноста ги презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според предложената рамка, вкупните приходи за 2027 година се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што претставува зголемување од 5,7 отсто во споредба со 2026 година. Вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно раст од 4,8 отсто. Буџетскиот дефицит е поставен на 45 милијарди денари (3,5% од БДП), што е во целосна согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година. Макроекономските проекции предвидуваат раст на БДП од 3,8 отсто и контролирана стапка на инфлација од 3,2 отсто.
„Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети“, изјави Димитриеска-Кочоска. Таа потенцираше дека буџетот е подготвен во услови на неизвесно меѓународно опкружување, поради што фокусот е ставен на реалноста на проекциите и одржливоста на расходите.
Даночната политика ќе остане предвидлива, насочена кон унапредување на наплатата, сузбивање на евазијата и дигитализација. Очекувањата се даночните приходи да достигнат 223,1 милијарди денари (раст од 6,4%).
Во делот на расходите, предвидени се средства за раст на платите во јавниот сектор, како и исполнување на НАТО стандардите со одвојување на 2 отсто од БДП за модернизација на Армијата. Социјалната сигурност останува клучен приоритет – за социјални трансфери се наменети 220,8 милијарди денари (раст од 4,1%), од кои дури 123,8 милијарди денари се одвоени за исплата на пензиите со планиран раст од 4,8 отсто. За најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, а за здравствена заштита буџетот е зголемен за 3,9 милијарди денари во однос на тековната година. Општините ќе добијат трансфери во износ од околу 36 милијарди денари.
Особено значаен сегмент се капиталните инвестиции кои се проектирани на 40,8 милијарди денари. „Не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на конкретни резултати на терен“, истакна министерката, додавајќи дека ќе продолжи интензивната реализација на инфраструктурни проекти преку ЈПДП, како што се Коридорот 8 и 10Д.
Финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на старите долгови ќе се обезбедува преку домашниот и меѓународниот пазар, имајќи предвид дека следната година за наплата доспева Еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година.