
Владата на денешната седница го усвои дополнетиот Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година во кој се вградени одредени финансиски реалокации. Како што соопшти Министерството за финансии, овој дополнет предлог се усвојува по завршувањето на расправата во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, по што повторно ќе биде доставен до Собранието за финално усвојување на пленарна седница.
Со дополнетиот ребаланс направени се реалокации помеѓу буџетските корисници со цел усогласување на реализацијата со планираните износи до крајот на годината и навремена реализација на приоритетните исплати.
Според предложените измени, вкупните приходи сега се проектирани на 374,2 милијарди денари, што претставува намалување за околу 5,3 милијарди денари во однос на претходните проекции. За идентичен износ се намалуваат и вкупните расходи, кои сега се планирани на 420,5 милијарди денари.
Буџетскиот дефицит останува непроменет и се задржува на ниво од 46,3 милијарди денари, што претставува 3,9 отсто од бруто-домашниот производ (БДП). Проекцијата за економскиот раст со овој ребаланс за 2026 година изнесува 4,3 отсто.
Од Министерството за финансии посочуваат дека предложените измени и дополнувања на државната каса за 2026 година се прават исклучиво со цел усогласување со новите економски услови, досегашните остварувања во текот на годината и реалната динамика на реализација на расходите.