Граѓаните на Косово денес повторно се упатуваат кон гласачките места за да гласаат на предвремените парламентарни избори, трети во последните 16 месеци, во обид да се надмине длабоката политичка криза и застојот во институциите на земјата.

Меѓу првите што ја исполни својата граѓанска должност беше претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, која гласаше на едно од гласачките места во Приштина.

Во краткото обраќање до медиумите по гласањето, претседателката Османи ја нагласи важноста на демократскиот процес и ги повика граѓаните масовно да излезат да гласаат за стабилноста и иднината на земјата.

Изборите се одржуваат во атмосфера на зголемени политички тензии, а клучна задача на новиот парламент ќе биде да го деблокира изборот на нов шеф на државата, со оглед на тоа што токму невозможноста за постигнување договор за оваа позиција доведе до распишување нови избори.

Овие избори, исто така, носат сосема нова политичка динамика во Косово.

Претседателката Вјоса Османи, која претходно тесно соработуваше со актуелниот премиер Албин Курти, се кандидира на овие избори на листата на опозициската Демократска лига на Косово (ЛДК).

Овој политички пресврт и поделба се случи откако Курти одби да го поддржи Османи за втор претседателски мандат, дополнително комплицирајќи ја веќе напнатата политичка сцена.

Косовските граѓани се надеваат дека денешниот исход конечно ќе донесе стабилна конфигурација во парламентот што ќе овозможи формирање на функционални институции.