Унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“ ќе отвори база на аеродромот во Приштина, а исто така најавува и можност за затворање на базата во Белград.

Истовремено ќе лансира три нови линии до Брисел, Шарлероа, Карлсруе/Баден-Баден и Базел-Милузе, со зголемување на бројот на летови до Дортмунд.

Отворањето на новата база го објави денеска во Приштина Андраш Сабо, менаџер за развој на мрежата на „Визер“, додека компанијата ја потврди веста и на своите официјални канали.

Според „Визер“, отворањето на базата ќе донесе околу 500.000 дополнителни седишта годишно, ќе создаде 40 нови директни работни места и ќе ја прошири мрежата на компанијата од Приштина на девет линии во шест земји.

Одлуката ја поздрави и косовскиот премиер Аљбин Курти.

– Одлуката на „Визер“ да воспостави база на Меѓународниот аеродром во Приштина е доказ дека Косово сè повеќе се смета за сигурно место за инвестиции, со јасни развојни перспективи и голем потенцијал за уште поголема интеграција во европските транспортни мрежи, трговија и слободно движење на луѓе- изјави  Курти.

„Визер“ е присутен во Приштина од 2017 година, кога започна рута до Будимпешта. Со отворањето на базата, компанијата за прв пат ќе има авион базиран на овој аеродром.

 

The post „ВИЗЕР“ ОТВОРА БАЗА НА АЕРОДРОМОТ ВО ПРИШТИНА Ќе ја сочинуваат еден „Ербас 321“ и 40 вработени appeared first on plusinfo.mk.