Американската компанија за дигитални плаќања Виза соопшти денеска дека ќе отпушти околу седум отсто од вработените, односно приближно 2.600 работници, во рамките на програмата за зголемување на ефикасноста во работењето.

Намалувањето на бројот на вработени првенствено ќе ги опфати тимовите задолжени за технологија и развој на производи, а доаѓа околу шест месеци откако сличен потег повлече нејзиниот главен конкурент Мастеркард, пренесе Ројтерс.

Извршниот директор на компанијата Рајан МекИнерни наведе во интерен допис до вработените дека Виза сака дополнително да ја унапреди ефикасноста за да насочи повеќе средства кон областите со најголем потенцијал за раст.

„Убеден сум дека го правиме она што е правилно за Виза, нашите клиенти и партнери, бидејќи со зголемувањето на ефикасноста создаваме простор за вложувања во најголемите развојни можности“, порача МекИнерни.

Тој додаде дека вештачката интелигенција (АИ) ги забрзува промените во начинот на работа на компанијата и придонесува за автоматизација на одредени процеси.

Тој, сепак, нагласи дека вештачката интелигенција не е единствената причина за намалувањето на бројот на вработени.

Според годишниот извештај за 2025 година, Виза вработувала околу 34.100 работници, што е за осум отсто повеќе отколку една година порано.

Компанијата денеска, по завршувањето на тргувањето на Волстрит, треба да ги објави деловните резултати за изминатиот квартал.

Аналитичарите оценуваат дека нејзиниот деловен модел и понатаму е стабилен, бидејќи приходите пред сè зависат од обемот на платните трансакции, а не од кредитниот ризик, поради што Виза се смета за отпорна и во периоди на забавување на економскиот раст.