Американскиот претседател Доналд Трамп одржа одделни средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, а од администрацијата средбите ги оценија како „позитивни и продуктивни“.

Двајцата лидери престојуваа во Вашингтон по повод погребот на американскиот сенатор Линдзи Греам, долгогодишен поддржувач на Израел и еден од најгласните застапници за американската воена помош за Украина, кој почина претходно овој месец.

Во разговорот со Трамп, Зеленски побара дополнително зајакнување на украинската противвоздушна одбрана. По средбата тој изјави дека американскиот претседател се согласил Украина да добие лиценци за домашно производство на пресретнувачките ракети „Патриот“.

„Тој прифати да ни даде лиценци. Потоа имав состанок со претставници на многу силни американски воени компании. Се надевам дека ќе започнеме заедничко производство“, изјави Зеленски за Fox News. Белата куќа засега не ја потврди официјално оваа информација.

Украина со години бара дополнителни системи „Патриот“, кои се меѓу ретките способни да пресретнуваат балистички ракети. Според украинските власти, земјата има потреба од околу 25 вакви системи за поефикасна заштита на градовите од сè почестите руски ракетни и дронски напади.

Една ракета за системот „Патриот“ чини меѓу 3 и 5 милиони долари, а една батерија може истовремено да следи до осум цели и да открива повеќе од 100.

Зеленски во Вашингтон се сретна и со двопартиска група американски сенатори, непосредно пред Сенатот убедливо да изгласа нов пакет санкции против купувачите на руска нафта и гас. Тој оцени дека санкциите се „голем сигнал за Европа и голема поддршка за украинскиот народ“.

Домашното производство на ракети „Патриот“ би можело да има и политичко значење за Зеленски, кој во последните недели се соочува со критики и протести поради разрешувањето на популарен министер за одбрана.

Нетанјаху: Имавме едни од најдобрите разговори со Трамп

По заминувањето на Зеленски, во Белата куќа пристигна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Разговорите беа фокусирани главно на Иран и регионалната безбедност, во период кога односите меѓу Вашингтон и Тел Авив се под одредени тензии поради различните ставови околу иранското прашање и израелските воени операции во регионот.

По средбата, Трамп на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека станувало збор за „многу добар состанок“.

Нетанјаху изјави дека двајцата лидери имаат заедничка цел.

„Имаме разбирање за заедничката цел – Иран да не поседува нуклеарно оружје, како и за други цели. Ова беше еден од најдобрите разговори што сум ги имал со претседател на САД“, изјави израелскиот премиер.

Набргу по средбата, американската војска соопшти дека иранските сили се обиделе да изведат изненадувачки напад врз американски сили на Блискиот Исток, но дека сите проектили биле пресретнати. Во меѓувреме, американски и саудиски сили извршиле напади врз проирански групи во источен Ирак, кои, според Вашингтон, претходно лансирале дронови кон саудиска енергетска инфраструктура. Техеран засега не се огласи по овие тврдења.

Текстот (ВИДЕО) Трамп се сретна со Зеленски и Нетанјаху во Белата куќа: Украина добива лиценца за производство на ракети „Патриот“ е превземен од А1он.