Осум лица загинаа, а едно лице е тешко повредено во вооружен напад што се случил во три села во западниот дел на централна Турција.

Напаѓачот сè уште не е пронајден, а турската полиција трага по осомничен кој, според сведоштва, избегал од местото на настанот со црвен автомобил.

Од канцеларијата на гувернерот на областа Афјонкарахисар информирале дека нападот се случил во раните вечерни часови во рурално подрачје во близина на истоимениот град, кој се наоѓа меѓу Анкара и Измир.

Според државната агенција „Анадолу“, две жени со прострелни рани биле пронајдени на пат во селото Јукаритандир. И покрај укажаната медицинска помош и транспортот во болница, тие починале од повредите.

Дополнителни три тела биле пронајдени во селото Кијир, кое се наоѓа околу половина час возење североисточно од првата локација, додека уште три жртви биле откриени во селото Ајазини.

Полицијата продолжува со потрагата по осомничениот, јавуваат турските медиуми.

Во нападот е повредено и уште едно лице, кое било пронајдено во критична состојба и се наоѓа на болничко лекување. Засега не се соопштени дополнителни детали за мотивот и околностите на нападот.