Папата Лав XIV вчера во Апостолската палата во Ватикан го прими американскиот кантавтор и поет Боб Дилан, добитник на Нобелова награда за литература, кој престојува во Рим како дел од италијанскиот дел од својата концертна турнеја „Сурови и немирни патишта“.

Средбата се протекла во краток и срдечен разговор, со размена на поздрави и неколку неформални забелешки, а Дилан во теокт на приемот носел црн дуксер со качулка, пренесува „Ватикан њуз“.

Папата Лав претходно ги цитираше стиховите на Дилан во предговорот на книгата „Разоружените и оние што разоружуваат: Мирот е дар“, објавена од издавачката куќа на Ватикан, во која се предупредува на опасностите од глобалното вооружување и нуклеарното оружје.

Станува збор за стиховите од песната „Go Away You Bomb“, која Дилан ја напишал во 1963 година, во времето на Студената војна. Песната никогаш не била официјално снимена ниту објавена на некој од неговите албуми, а оригиналниот ракопис е откриен во 2013 година.

Дилан со еден поглавар на Римокатоличката црква се сретнал и во 1997 година, кога настапил на Националниот евхаристиски конгрес во Болоња пред папата Јован Павле Втори и околу 300.000 млади луѓе.

Тој тогаш извел неколку од своите познати песни, вклучувајќи ја и „Knockin’ on Heaven’s Door“, а папата Јован Павле Втори во своето обраќање до младите ги цитирал  стиховите од неговата песна „Blowin’ in the Wind“, зборувајќи за човечкото достоинство и патот на верата.

Дилан, кој има 85 години, денеска ќе одржи концерт во Палацо дело Спорт во Рим, како дел од турнејата што вклучува и настапи во Милано и Болоња.