Пропалестински активисти денеска го симнаа германското знаме од јарболот пред зградата на германскиот парламент во Берлин и на нејзино место поставија палестинско знаме.

Еден од активистите, користејќи алпинистичка опрема, се искачи на јарболот пред Бундестагот, отстрани германското занаме и го фрли на земја, по што го постави палестинското знаме.

Полицијата соопшти дека пожарникарите го симнале знамето од јарболот по околу еден час.

Против него и двајца други мажи, кои ја снимале акцијата, е покрената истрага поради сомневање за навреда на државата и нејзините симболи, оштетување имот и прекршување на забраната за собирање.

Тројцата мажи, на возраст од 20, 22 и 32 години, се членови на групата „Peacefully Against Genocide“. На интернет објавија дека акцијата ја спровеле во знак на „граѓанска солидарност со луѓето во Палестина“.

Претседателката на Бундестагот, Јулија Клекнер од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), остро го осуди инцидентот и побара подобро обезбедување на парламентот.

„Неразбирливо е што палестинските хулигани не се воздржуваат ниту пред симболот на германското обединување“, изјави Клекнер за весникот „Билд“.

Германското знаме кое беше симнато е познато како „Знаме на обединувањето“. Со површина од 60 квадратни метри, тоа има статус на официјален споменик и е поставено пред парламентот, на местото каде што на 3 октомври 1990 година беше прогласено обединувањето на Западна и Источна Германија.

Текстот ВИДЕО: Активисти во Берлин го фрлија германското знаме на земја, го заменија со палестинско е превземен од А1он.