Вечерва, со почеток во 21:00 часот, на камерната сцена во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе настапи Тони Китановски Трио, во рамки на програмата на првото издание на JAZZ STReam Festival.
Публиката ќе има можност да ужива во концерт на една од најзначајните формации на македонската џез сцена, составена од врвните музичари Тони Китановски на гитара, Оливер Јосифовски на бас и Александар Секуловски на тапани.
Триото настапува заедно речиси три децении, градејќи препознатлив музички израз кој се темели на богато искуство, креативност и долгогодишна соработка. Во текот на своето постоење, музичарите реализирале бројни настапи на домашни и меѓународни фестивали, оставајќи силен впечаток кај љубителите на џез музиката.
Репертоарот што ќе биде изведен во Струмица е составен претежно од авторски композиции на Тони Китановски, во кои се преплетуваат современиот џез и влијанијата од африканската музичка традиција. Со богата импровизација, силна енергија и уникатен музички пристап, концертот ветува уште една незаборавна фестивалска вечер.
Настапот на Тони Китановски Трио е трет концертен настан од програмата на JAZZ STReam Festival, кој деновиве ја збогатува културната понуда на Струмица и ги обединува љубителите на џез музиката од регионот.

The post Вечерва на JAZZ STReam Festival: Тони Китановски Трио со врвен џез концерт во Струмица appeared first on Radio StrumicaNet.