
„Северна Македонија мора да покаже решителност на патот на реформите и да ги одобри потребните измени во Уставот“, изјави вчера комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, пред европратениците во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Во практична смисла, целта на Европската комисија останува да започне преговори со Македонија за пристапување во ЕУ штом ќе бидат исполнети условите и дека прашањето е во македонски раце.
„На патот сме кон следното проширување на ЕУ“, изјави Кос по повод извештаите за напредокот на ЕК за земјите-кандидатки за пристапување, презентирани вчера. Според неа, Црна Гора е најблиску до пристапување и се очекува да стане дел од ЕУ во 2028 година. Според Кос, се очекува Албанија да ги заврши преговорите до крајот на оваа година. Украина и Молдавија се подготвени да започнат преговори за сите прашања, изјави еврокомесарката.
Европратеникот Томас Вајц кој е известувач за Македонија, ги даде Хрватска и Црна Гора како пример за решавање на билатералните прашања.
„Сакам да им се заблагодарам на премиерите на двете земји за средбите и разговорите, наоѓањето решенија“, додаде тој. „Билатералните односи не треба да влијаат на процесот на пристапување“, инсистирал Вајц, пренесува „БТА“.
Според него, некои од отворените прашања пред Република Северна Македонија се билатерални, други се на европско ниво и се однесуваат на вклучувањето на малцинствата во основниот закон.
„Уставните амандмани мора да се усвојат“, рекол тој.
„Единствениот излез од ќорсокакот се разговорите, владите на Бугарија и Република Северна Македонија мора да разговараат“, коментирал европратеникот. Тој предложил еврокомесарката Кос да се придружи на дипломатските напори.