Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува отворена за разговори за надминување на спорот со Бугарија, но нема да прифати уставни измени во формата што во моментов се наметнува како услов за продолжување на европскиот пат на Македонија.
Во гостувањето во поткастот „Риштази“ со Назим Рашиди, Мицкоски нагласи дека дијалогот треба да трае сè додека не се дојде до праведно, одржливо и долгорочно решение. Според него, Македонија во меѓувреме треба да продолжи со реформите и со подобрувањето на условите за живот, без да прифаќа избрзани политички решенија со неизвесен исход.
„Подготвен сум да разговарам со секого и секаде. Ќе разговараме онолку долго колку што е потребно за да најдеме решение кое ќе нè однесе до крајната цел“, истакна премиерот.
Мицкоски оцени дека односите меѓу државите мора да се темелат на еднакви принципи. Тој посочи дека од Македонија се бара да ги исполни обврските прифатени од претходната Влада, додека Бугарија, според него, не ги почитува обврските поврзани со човековите права на македонската заедница.
Како аргумент ги наведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои се однесуваат на правото на здружување на Македонците во Бугарија. Мицкоски нагласи дека не може едната страна да инсистира на целосно исполнување на договореното, а истовремено да ги игнорира сопствените меѓународни обврски.

Таквиот пристап, според премиерот, претставува политички притисок, двоен стандард и однесување кое нема допирна точка ниту со Копенхашките критериуми ниту со темелните вредности на Европската Унија.
„Тоа се вика булинг и непринципиелна политика. Не може правилата да важат само за Македонија, а да не важат и за оние што веќе се во Европската Унија“, порача Мицкоски.
Тој истакна дека принципите не можат да се применуваат селективно, зависно од политичкиот интерес во одреден момент. Ако од Македонија се бара доследно почитување на преземените обврски, тогаш истото, како што рече, мора да се очекува и од Бугарија.
Премиерот повтори дека стратешката цел на Владата останува полноправното членство во Европската Унија. Сепак, според него, Македонија повеќе не смее да прифаќа привремени решенија проследени со нови ветувања, по кои повторно ќе следуваат дополнителни барања.
Мицкоски потсети дека граѓаните и во минатото биле убедувани оти исполнувањето на уште еден услов ќе го отвори патот кон брзо членство во ЕУ. И покрај промените на знамето, банкнотите, Уставот и уставното име, Македонија, како што оцени, и натаму се наоѓа пред истите европски врати.
„Секогаш ја слушавме истата реторика – дека прозорецот е отворен, дека сега е моментот и дека треба да направиме уште само една отстапка. Искуството, за жал, нè научи на потешкиот начин“, рече Мицкоски.
Тој заклучи дека Владата е подготвена да разговара кога на маса ќе има решение што обезбедува реален и предвидлив пат до полноправно членство, а не само формално започнување процес што може повторно да биде блокиран со нови билатерални услови.
The post УСТАВОТ НЕ Е ШВЕДСКА МАСА: Мицкоски повлече црвена линија пред Бугарија appeared first on Politika.