Договорот означува потенцијален напредок во долготрајниот спор околу правата на малцинствата, кој ги затегна односите меѓу Будимпешта и Киев и ја комплицираше поддршката за влезот на Украина во ЕУ.

„Постигнавме напредок во разговорите со Украина за јазичните, културните и образовните права на етничкото унгарско малцинство“, напиша Маѓар на Фејсбук.

Во вторникот тој изјави дека е подготвен следната недела да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да отворат ново поглавје во односите, доколку се постигне договор за правата на малцинствата.

Маѓар има помалку конфронтирачки пристап кон Киев во споредба со неговиот претходник Виктор Орбан. Сепак, тој повеќепати нагласи дека правото на етничките Унгарци да го користат својот мајчин јазик е клучно за Будимпешта да се согласи со влезот на Украина во ЕУ.

Според договорот, Украина ќе го обнови системот на училишта за етничките малцинства и ќе овозможи употреба на мајчиниот јазик. Учениците од унгарска националност исто така ќе можат да ги користат унгарските национални симболи и знамиња за време на прославите, како и да полагаат испити на унгарски јазик.

„Стотици илјади Унгарци ќе си ги вратат своите темелни права“, рече Маѓар, додавајќи дека Украина се согласила да го вметне договорот во своето законодавство и во акцискиот план за преговорите за пристапување во Унијата.

Тој додаде дека, доколку се случи тоа, Унгарија ќе го поддржи отворањето на првиот преговарачки кластер со ЕУ. Но, тој и претходно истакнуваше дека неговата влада не поддржува забрзани преговори за членство на Украина.