Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска треба да ја донесе конечната одлука за статусот на Охридскиот Регион. Одлуката ќе се темели на извештајот за исполнувањето на препораките поврзани со дивоградбите, колекторскиот систем, урбанистичкото планирање и заштитата на Студенчишкото Блато.
Комитетот ќе одлучи дали Охрид ќе го задржи сегашниот статус или ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Македонија и Албанија до 1 февруари годинава доставија извештаи до УНЕСКО за преземените мерки за заштита на регионот.
Минатата година УНЕСКО го одложи впишувањето на Охрид на листата во опасност и им даде дополнителен рок на двете земји да ги исполнат препораките. Меѓу главните забелешки на организацијата се урбанистичкиот хаос, загадувањето на Охридското Езеро и недоволната заштита на културното наследство.
Во февруари владина делегација престојуваше во Париз на средби со раководството на УНЕСКО за да ги претстави активностите за зачувување на статусот на Охридскиот Регион. Денешната одлука се смета за една од најважните за иднината на единственото македонско природно и културно добро кое се наоѓа на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
The post УНЕСКО денеска ја носи одлуката за судбината на Охридскиот регион appeared first on Прва Скопска ТВ.