Украинските сили изведоа необична операција кај Купјанск на североистокот од земјата, инфилтрирајќи се на руските позиции преку подземната инфраструктура на гасоводот.

Во акцијата под кодно име „Велес“, војниците поминале повеќе од 15 километри низ цевка со дијаметар од 1,2 метри, а според тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, руските сили притоа претрпеле значителни загуби.

Зеленски објави дека за време на операцијата загинале повеќе од 100 руски војници, додека повеќе од 30 биле заробени.

„Напредувањето под земја надмина 15 километри. Русите и претходно се обидуваа да ги искористат подземните гасоводи за да се движат низ нашите позиции и да покренат напади. Украинските борци успешно ја преобликуваа таа тактика, ја модернизираа и ја направија значително пософистицирана и технолошки понапредна“, порача украинскиот претседател.

Како што пренесува Euronews, украинските сили така примениле тактика која претходно ја користеле и Русите, но овој пат против нив. Проодот низ цевка со дијаметар од само 1,2 метри бараше движење во исклучително скучени услови, со многу малку простор за маневрирање.

Според извор кој го цитира Украинска правда, украинските војници не само што минувале низ гасоводот, туку во него морале и да се борат.

„Се боревме внатре во самата цевка каде што има многу малку простор за маневрирање. Токму тоа прави сè да биде толку тешко. Никој во Украина досега нема направено ништо слично“, изјави изворот.

Со комбинација од подземен продор и напади на површината, украинските сили се обидоа да го запрат понатамошното руско користење на гасоводната мрежа за заобиколување на украинските одбранбени позиции.

Операцијата е изведена во околината на Купјанск, стратешки важен град во Харковската област, кој и понатаму е едно од главните попришта на руските офанзивни дејствија на североистокот од Украина.