Синоќа по низата силни украински напади во Русија избија големи пожари во неколку градови на југот на Русија, додека на целиот окупиран Крим беа забележани прекини во снабдувањето со електрична енергија. Информациите за нападите врз логистичките центри и електроенергетската мрежа ги пренесуваат каналите што ја следат ситуацијата на терен, пишува „The Kyiv Independent“.

Според извештаите од Телеграм, украинските беспилотни летала погодиле две трансформаторски станици, едната во окупираната Масандра и другата во блиската Јалта, што доведе до прекин во снабдувањето со струја.

Проукраинскиот канал „Кримски ветер“ исто така извести за пожар во трансформаторската станица во Јалта по нападот со дронови. Проблеми со снабдувањето беа забележани и во Алушта на југот од полуостровот, која исто така се најде на мета на украинските сили.

Во исто време беа пријавени напади и на југот на Русија. Во Краснодар, според достапните информации, погодени се магацин на интернет-трговецот „Wildberries“, паркиралиште за камиони и станбени згради. Компанијата „Wildberries“ колоквијално се нарекува и „руски Амазон“.

Во Невиномиск во Ставрополскиот Крај погоден е уште еден логистички центар на компанијата „Wildberries“, каде што по нападот изби голем пожар. „The Kyiv Independent“ напоменува дека не можел независно да ги потврди овие наводи.

Овие удари се дел од пошироката украинска стратегија за напади врз воената инфраструктура длабоко на руската територија и во окупираните подрачја, чија цел е слабеење на руските воени капацитети. Со нападите во Краснодар и Невиномиск, бројот на удари врз инфраструктурата на компанијата „Wildberries“ во последните неколку дена се искачи на четири.

Во ноќта кон 18 јули, Украина веќе изведе два напади врз објекти на таа компанија, во Електростал во Московската Област и во Котовск во Тамбовската Област.

Во деновите што следеа, нападите продолжија. Во ноќта кон 19 јули, украинските сили погодија складиште за нафта во Ставрополскиот Крај и неколку други цели во окупираните подрачја. Командантот на украинските Сили за беспилотни системи, Роберт „Маѓар“ Бровди, изјави дека во ноќта кон 20 јули неговите сили погодиле седум брода од руската „флота во сенка“, седум енергетски објекти на Крим и други воени цели.