Додека на фронтот се водат исцрпувачки битки, во строго чуван подземен бункер се крои операција која би можела да му го зададе досега најтешкиот удар на Кремљ. Командантот на украинските сили за беспилотни системи започна амбициозна и немилосрдна кампања со јасна цел – целосно да го отсече и да го изолира полуостровот Крим.

Кампањата на масовни удари со дронови веќе предизвика хаос во руската воена логистика и ги принуди окупациските власти да воведат рестрикции за гориво, а украинскиот воен врв тврди дека ова е дури почеток на целосното затворање на обрачот околу ова стратешки клучно подрачје.

Главниот мозок на оваа операција е Роберт Бровди, педесетгодишник попознат под воениот прекар Унгарец, кој денес се наоѓа на самиот врв на руската листа на потерници. Бровди пред војната бил богат трговец со жито од западна Украина, а на војската ѝ се приклучил како доброволец во 2022 година, создавајќи од нула ја единицата „Унгарските птици“, која денес прерасна во најмоќната бригада за дронови во земјата. Поради неговото дејствување, рускиот суд во март оваа година во отсуство го осуди за тероризам.

Од својата тесна подземна канцеларија, опкружен со екрани кои во живо ја пренесуваат ситуацијата од бојното поле, тој ја набљудува војната низ ладна деловна логистика. Со жар и црн хумор објаснува како своите претходни бизнис проекти едноставно ги прилагодил на воените потреби, заменувајќи ги камионите и вагоните за жито со модерно вооружување и муниција, додека „клиентелата“ сега му е сосема поинаква. Во неговиот бункер секојдневно се архивираат меѓу 10 и 12 терабајти видеоматеријал и податоци кои подоцна ќе се користат за обука на модели со вештачка интелигенција, со цел од војувањето целосно да се отстрани човечкиот фактор кој е склон на грешки и замор.

Главна цел на украинските беспилотни летала во моментов е автопатот „Новоросија“, клучна руска воена рута која поминува низ окупираниот југ на Украина и води директно кон Крим. Бровди тврди дека интензивните удари во изминатиот месец го намалиле сообраќајот на оваа рута за повеќе од две третини, па најавува дека украинските сили во наредниот месец ќе воспостават целосна контрола врз овој правец.

Изолацијата на Крим е блиска иднина, порачува командантот, сликовито опишувајќи дека гаѓањето на руските воени возила на незаштитениот автопат станало едноставно како пукање во еребици на отворено поле. Стратешката цел е да се создадат невозможни услови за руската војска и одбранбената индустрија на полуостровот, со што Москва би се принудила на повлекување наместо на понатамошно напредување. Бровди притоа нагласува дека Украина не гаѓа цивили, но сака болката од војната, која се чувствува во секој украински град, длабоко да се вреже и во свеста на жителите на окупираните територии.

Откако Бровди ја презеде командата над овој сегмент од војската, интензитетот на операциите доживеа неверојатен скок. Бројот на борбени летови со среден дострел е зголемен за дури 28 пати, додека ударите длабоко во руската територија се пораснати речиси четирикратно. Според официјалните податоци на неговата единица за првите пет месеци од оваа година, украинските дронови уништиле 174 руски системи за противвоздушна одбрана вредни околу 5,4 милијарди долари, со што е отворен простор за тешки долгометни напади врз рафинерии и фабрики за оружје длабоко во Русија.

Статистиката што ја води штабот на Бровди открива прецизна и застрашувачка пресметка на модерното војување. Во првите пет месеци од 2026 година, дроновите елиминирале повеќе од 50.900 руски војници и погодиле над 176.500 непријателски цели. Тоа во просек значи дека украинските беспилотни летала секој ден ликвидираат по 337 руски војници и уништуваат по 1.169 мети. Особено е занимлив податокот дека, според нивната финансиска евиденција, просечниот трошок за елиминација на еден руски војник со помош на дрон изнесува само 918 долари. Иако овие единици чинат едвај 2,5 проценти од вкупните вооружени сили на Украина, тие се заслужни за една третина од сите руски загуби во последната година, а планот е нивниот удел во војската наскоро да се удвои на 5 проценти.

Иако украинските удари со среден дострел донесоа опипливи резултати и го доведоа руското напредување до речиси целосен застој минатиот месец, западните воени аналитичари повикуваат на претпазливост. Мајкл Кофман, висок соработник во Карнегиевата фондација за меѓународен мир, потврдува дека технолошкиот напредок ѝ овозможува на Украина долгорочна изолација на Крим, но истакнува сепак дека за остварување на пошироката стратешка цел и целосно потиснување на руските сили и понатаму ќе биде неопходна голема и координирана копнена офанзива.

Покрај тоа, Русија се обидува да го возврати ударот со ангажирање на својата елитна единица за дронови под името „Рубикон“, која интензивно работи на изнаоѓање начини за неутрализација на моменталната украинска предност во воздухот. Додека официјална Москва молчи за конкретните детали, а Владимир Путин јавно го намалува значењето на нападите тврдејќи дека тие не ја загрозуваат руската економија, ситуацијата на теренот и рестрикциите на кримските бензински пумпи покажуваат дека украинскиот „пеколен план“ веќе дава сериозни резултати и ги менува правилата на игра на бојното поле.