
Украинските власти отворија повеќе истраги по немирите во Петропавливска Боршчахивка, предградие на Киев, каде што околу 100 лица се собраа пред приватна куќа по објавите дека во нејзиниот подрум против нивна волја биле држени и мачени десетици мажи, објави украинскиот јавен сервис „Суспилне“.
Настанот се случил на 2 ноември, а демонстрантите се обиделе насилно да влезат во објектот. Во судирите со полицијата и Националната гарда биле оштетени полициски возила, а четворица војници биле повредени и пренесени во болница.
Заменик-шефот на СБУ, Иван Рудницки, денеска соопшти дека се идентификувани околу 100 учесници, меѓу кои и лица осомничени за организирање на немирите. Според СБУ, протестот бил однапред организиран со цел да биде извлечен војник кој самоволно ја напуштил воената единица, а потоа бил задржан.
Паралелно, Државното истражно биро отвори постапка за можно пречекорување на службените овластувања од страна на воен службеник. Се проверуваат и условите во кои биле сместени војниците.
Командантот на Националната гарда, Олександр Пивненко, изјави дека објектот служел како привремено сместување за мобилизирани лица и војници кои се вратиле по самоволно напуштање на единиците.
Украинските власти засега немаат независна потврда за тврдењата дека во куќата имало мачење и незаконско затворање на десетици лица. Истрагата треба да утврди дали имало злоупотреби и кој стои зад организирањето на немирите