Бројот на загинатите во рускиот напад врз хуманитарен пункт и засолниште во Комишуваха порасна на 29, соопштија регионалните власти утрото на 3 ноември. Меѓу жртвите се двајца спасувачи и четворица полицајци. Пријавени се пет повредени, а потрагата по исчезнатите продолжува.

На 1 ноември, руските напади врз енергетската инфраструктура во Днипропетровската, Виничката, Житомирската и Хмелницката област оставија стотици илјади семејства без струја. Според украинската војска, биле употребени 433 дронови. Истиот ден заврши шестдневниот локален прекин на огнот кај Олешки, кој овозможи хуманитарна помош и евакуација на жители од окупираниот град.

На 2 ноември, руските сили со авиобомби нападнаа училиште во Комишуваха, во Запоришката област, каде што се делела хуманитарна помош. Во училиштето немало настава поради близината на фронтот. Според претседателот Володимир Зеленски, по првичниот напад следувал повторен удар врз засолништето во кое се сокриле луѓето.

Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во синоќешната објава на X го пренесе тогашниот биланс од 24 загинати:

„Уште едно ужасно злосторство – русите фрлија авиобомби врз училиште во Комишуваха, Запоришка област, каде што луѓето примаа хуманитарна помош. По првиот напад, „хуманистите“ фрлија уште 9 бомби, знаејќи дека луѓето се кријат во засолниште. 24 загинати, има и повредени.“

Спасувачката служба извести дека нејзините екипи и полицајците веќе пристигнале да помогнат кога се појавила опасноста од нов напад. Засолништето потоа било повторно погодено.

Во ноќта кон 3 ноември, Русија изврши нов масовен напад со балистички ракети, 59 крстосувачки и авијациски ракети и 289 дронови. Според украинските Воздухопловни сили, до 09:00 часот биле соборени или потиснати 309 воздушни цели. Погодоци биле регистрирани на 23 локации, а нападот во моментот на извештајот сè уште траел.

Во Харкив е оштетена здравствена установа, а според ажурираниот регионален биланс, повредени се 73 лица. Во Днипро се погодени енергетска инфраструктура и станбен кварт, оштетена е и болница, а пријавени се најмалку 15 повредени. Во повеќе региони се воведени итни исклучувања на електричната енергија.

На фронтот, украинскиот Генералштаб регистрира 206 борбени судири во текот на 2 ноември, вклучително 21 руски напад на Костјантинивскиот и 13 на Покровскиот правец.

Извор: ЦИВИЛ МЕДИА

 


Прочитајте го и интервјуто со Амб. Лариса Дир за ЦИВИЛ МЕДИА: Рускиот агресор ги користи студот и темнината како оружје против Украинците


ТОПЛИНА ЗА УКРАИНА

Дознајте ТУКА како можете да помогнете во набавката на генератор за амбулантата во Чистопил.