Ученикот Никола Настев од Државното средно училиште РЦСОО „Никола Карев“ од Струмица е дел од победничкиот тим на меѓународниот хакатон „SHU2026 Young Makers“, кој се одржа во Каша, Италија.

На хакатонот учествуваа околу 400 млади луѓе од целиот свет, кои работеа на темите „Мир со себе“, „Мир со планетата“ и „Мир меѓу луѓето“.

Победата ја освои тимот „BasilicaXR“, предводен од Никола Настев, во кој учествуваа и Дарио Павлески од ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, како и други членови од меѓународниот тим и нивниот ментор.

Нивниот проект „BasilicaXR“ овозможува убавината на италијанските базилики да биде претставена преку 3Д-скенирање и XR-технологија. На тој начин, културното наследство станува достапно за луѓето од целиот свет, без оглед на нивната локација.

На меѓународниот хакатон со свои проекти се претставија и други ученици од струмичкото училиште. Стефанија Павлевска и Панчо Соколов го создадоа проектот „The Voice of Cascia“ – платформа која ги поврзува локалното население и туристите преку текстуални, аудио и видеопораки, споделување автентични приказни, препораки и помалку познати локални знаменитости.

Олга Димитријева и Калиопа Данева го претставија проектот „Rita’s Dare“, интерактивна игра со предизвици која ги поттикнува жителите на Каша да се дружат, да стекнуваат нови пријателства и да излезат од својата комфорна зона.

Групата ученици ја предводеше Еразмус+ координаторката Марија Рашковска, која им обезбедуваше поддршка во текот на целиот процес.

За само 48 часа, меѓународните тимови создадоа иновативни решенија за реални предизвици, покажувајќи ги значењето на соработката, креативноста и тимската работа.

Од ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ изразија гордост за постигнатиот успех и за начинот на кој учениците ги претставиле училиштето и државата на меѓународниот настан.

The post Ученик од ДСУ „Никола Карев“ од Струмица дел од победничкиот тим на меѓународен хакатон во Италија appeared first on Radio StrumicaNet.