Францускиот министер за правда, Жералд Дарманен, одби да поднесе оставка и покрај големото огорчување на јавноста поради сериозните пропусти на правосудството во случајот со убиството на единаесетгодишната Лихана, пренесува денеска АФП.

Според наводите на агенцијата, телото на девојчето било пронајдено минатата недела, откако таа исчезнала на 29 мај во близина на гратчето Флеранс во југозападниот дел на Франција. Осомничениот, 41-годишен татко на соученик на жртвата, веќе двапати претходно бил обвинет за силување дете.

Една пријава против него била поднесена уште во август минатата година, но истрагата заглавила, а полицијата не ни го испрашала до моментот на исчезнувањето на девојчето, девет месеци подоцна.

Дарманен во петокот се извини за „огромниот пропуст“ и им наложи на обвинителствата повторно да ги прегледаат сите 70.000 пријави за кривични дела против деца ширум Франција.

„Прашањето за моето останување на функцијата се поставува само доколку не преземам одговорност“, изјави Дарманен на конференција за новинари и додаде дека ќе „ѝ ја каже целата вистина на француската јавност без криење“.

Случајот покрена поширока расправа за неуспешното соочување со сексуалното насилство врз децата. Според податоците на независна комисија, само седум отсто од пријавите за сексуално злоставување на малолетници во Франција завршуваат со осудителна пресуда.

Претседателката на парламентот, Јаел Брон-Пиве, ја повика владата да го забрза усвојувањето на законот против сексистичко и сексуално насилство, заснован на 140 препораки од организациите за заштита на женските права.