
Седми случај на фемицид од почетокот на 2026 година. Случајот со 21-годишниот Виктор и 17-годишната Билјана уште еднаш го вклучија алармот во Македонија. Според првичните информации, момчето било обесено на дрво, а во автомобил кој горел било безживотното тело на 17-годишната средношколка. Момчето и девојката претходно биле во врска. По раскинувањето, девојката во неколку наврати го има пријавувано момчето за загрозување на безбедноста и физички напади.
Претходното насилство било евидентирано во полицискиот билтен од 1 октомври. Според тогашната информација од МВР, нападот се случил на 30 септември, околу 21 часот, во домот на момчето во Богданци. олицијата го лишила од слобода 21-годишникот на 1 октомври во 1:10 часот. За пријавениот напад бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а МВР најавило соодветна пријава по документирањето на случајот.
Според податоците на Евростат за 2023 година, Македонија е на третото место во Европа по бројот на фемициди, односно убиства на жени од нивните партнери, со 6 случаи на еден милион жители. Повеќе случаи имаат само Латвија со 17 и Литванија со 10 на милион жители.
Изречената мерка за заштита нема вредност ако институциите не можат да обезбедат нејзино спроведување
Според адвокатката, Катерина Котеска која застапува жртви на семејно насилство, трагедиите кои се случија со последните фемициди со жртвите Ивана и Катја, како и малолетната девојка во Богданци ни покажаа дека вниманието при постапувањето на институциите се свртува само кога ќе се изгуби живот и само тогаш се подига степенот на внимание и ефикасност.
Во разговор за „Локално“, вели дека со седмата жртва на семејно насилство во Богданци увидовме дека иако дојде до промена на законската регулатива, поголема транспарентност и подигнат степен на внимание, при постапување во случаите на семејно насилство немаме доволно капацитети и унификација во праксата на постапување.
-Синдромот на малите средини допринесува постапувањето на институциите да биде на пониско ниво, а пропустите да бидат повеќе воочливи и предизвикани во корист на насилникот кој пробува да се амнестира од одговорност на „мала врата“. Полицијата и Центрите за социјална работа немаат доволно капацитет и ресурси за детектирање и справување со ризикот, а особено поради претрпаноста со обврски, слаба екипираност, недостаток на капацитети и немотивираност поради недоволна едукација и финансиска награда, истакнува Котеска.

Фото: Катерина Котеска
Адвокатката посетува дека еден од најголемите проблеми во битката со справување со семејното насилство е недоволно сериозно пристапување кон пријавите кои често се сметат како семејни или партнерски караници, па се оди кон тоа и да се смират партнерите, игнорирајќи се ризикот и опасноста од повторување на насилството и оставање на жртвата во рацете на насилникот.
-Голем проблем е и ставот и преземање дејствија во насока на тргање на жртвата од насилникот, а не тргање на насилникот од жртвата што претставува пропуст на институциите. Недоволно и неадекватно се спроведува законот кој располага со мерката отстранување на насилникот од домот, која директно му ја намалува самодовербата и комодитетот на насилникот за понатмошни повторувања на семејно насилство, истакнува Котеска.
Партијата ЛДП соопшти дека само во последната година двапати го достави предлогот за електронска нараквица за сторителите на семејно насилство во Собранието. Наместо како досега, без соодветен надзор, на насилниците со електронската нараквица ќе им се контролира движењето и навремено ќе ги известува жртвата и надлежните служби доколку тоа е различно од судската наредба. Оттаму прашаа „уште колку Ивани, Росици и Билјани треба да ни се случат за конечно институциите да почнат да функционираат…“.
Електронскиот надзор со алки е дел од системот за пробација. Оваа служба врши надзор и на спроведувањето на казните кои значат алтернативна мерка наместо одење во затвор. Такви се општокорисната работа, условна осуда со заштитен надзор, условен отпуст… Алките беа набавени уште пред една деценија со помош од Европската Унија, но почнаа да се користат дури од есента 2025 ходина. Управата за извршување санкции располага со вкупно 400, од кои функционални се стотина што беа надградени.
Мирен протест под пораката „Стоп за фемицидот“ е најавен за денеска во 19 часот во Градскиот парк во Богданци. Собирот се организира во чест на Билјана, со барања за одговорност, заштита на жените и итна акција од институциите.
„Нејзиниот глас е замолчен, но нашиот мора да биде погласен од кога било“, се наведува во повикот објавен на социјалните мрежи. Иницијаторите порачуваат дека фемицидот мора да се спречи пред да се случи и дека институциите треба навреме да реагираат за да се заштитат животите на жените.
МВР денеска соопшти дека во периодот јануари – септември 2026 година регистрирани 1.337 кривични дела од семејно насилство Во периодот од јануари до септември 2026 година, на територијата на државата регистрирани се 1.337 кривични дела од областа на семејното насилство, за кои се пријавени 1.388 сторители, од кои 1.278 мажи и 110 жени, како и 1.433 жртви, од кои 289 мажи и 1.144 жени.
Во истиот период регистрирани се 191 прекршок поврзан со семејно насилство, за кои се пријавени 228 сторители (196 мажи и 32 жени) и 221 жртва (126 мажи и 95 жени).
Дополнително, евидентирани се 3.869 поплаки за семејно насилство, при што се пријавени 3.971 сторител, од кои 3.090 мажи и 881 жена, како и 3.961 жртва, од кои 1.394 мажи и 2.567 жени. Полицијата упатува апел до граѓаните да не молчат и да не го премолчуваат семејното насилство, туку навремено да го пријавуваат секој случај.
Н.П.