
Осум припадници на Управата за криминалистичка полиција на српското Министерство за внатрешни работи се уапсени под сомнение дека го тепале, малтретирале и мачеле Далибор Драгијевиќ, братот на Дејан Драгијевиќ, обвинет за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Како што објави српскиот портал Н1, апсењата се извршени на 6 ноември по налог на Вишото јавно обвинителство во Ниш. Седуммина од осомничените се од Белград, а еден од Нова Пазова.
Според соопштението на обвинителството, осумтемина се осомничени за кривично дело тешка телесна повреда со смртни последици, во комбинација со кривично дело малтретирање и тортура во соизвршителство.
На приведените им е одреден притвор до 48 часа. Тие треба да бидат спроведени во Вишото јавно обвинителство во Ниш, каде што ќе бидат сослушани.
Обвинителството соопштило дека во претходниот период јавниот обвинител издавал наредби за лишување од слобода на сите осомничени, но дека припадниците на Секторот за внатрешна контрола при српското МВР не постапувале по тие наредби.
Далибор Драгијевиќ бил приведен на 6 април 2024 година, во рамките на истрагата за исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ. Тој бил осомничен дека му помогнал на својот брат Дејан да го премести телото на девојчето.
Еден ден подоцна, на 7 април, било соопштено дека Далибор починал во службените простории на Полициската управа во Бор.
Српското МВР тогаш соопшти дека починал од природна смрт. Но, подоцнежните информации за наодите од обдукцијата, објавени во истражувачкиот неделник „Радар“ и пренесени од други медиуми, укажуваа на бројни повреди на неговото тело.