Директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, е уапсена во рамки на истрагата поврзана со епидемијата на гастроентеритис во градот. Според првичните информации, заедно со неа се приведени и техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на водоводот Вадедин Дервиши.

Се очекува тројцата да бидат изведени пред јавен обвинител, по што судија на претходна постапка ќе одлучува за евентуалните мерки.

Претходно, градоначалникот на Гостивар ја суспендираше Асани од директорската функција, но изјави дека лично не чувствува одговорност за случувањата.

Во деновите по избувнувањето на епидемијата, Асани тврдеше дека зголемениот број заболени не е последица на загадена вода, посочувајќи дека меѓу пациентите имало и лица кои користеле исклучиво флаширана вода. Според неа, причината можела да биде храната или високите температури.

Во исто време, во Владата се одржа прес-конференција на која министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска и директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски информираа за досегашните активности на институциите.

Тие соопштија дека анализите се изработени и ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, но одбија јавно да ги објават резултатите, образложувајќи дека постапката ја води Обвинителството. Од таму, пак, посочија дека немаат законска обврска тие да ги соопштат резултатите.

На новинарските прашања зошто и по седум дена од појавата на епидемијата јавноста сè уште нема официјални резултати од анализите, Клековски одговори дека тие ќе бидат објавени откако ќе биде завршена истражната постапка и ќе има согласност од обвинителството. Потврди дека храната засега е исклучена како можен причинител, а забраната за користење на водата останува во сила сè додека надлежните не донесат поинаква препорака.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, изјави дека институцијата реагирала врз основа на официјално пријавените случаи и дека дури по зголемувањето на бројот на пријави било утврдено дека станува збор за епидемија. Таа нагласи и дека општината има законски обврски за контрола на квалитетот на водата, додавајќи дека локалниот мониторинг бил ограничен.

Според Андоновска, задржувањето на резултатите од анализите не е поради нивната содржина, туку поради интересите на истрагата.

„Важно е да се утврди причинителот на епидемијата, но уште поважно е да се утврди и евентуалната одговорност“, изјави директорката на Институтот за јавно здравје

The post Уапсена директорката на „Комуналец“ во Гостивар, приведени уште две лица во истрагата за епидемијата appeared first on Прва Скопска ТВ.