Македонскиот државјанин Андреј Танасковски вчера бил уапсен во Никшиќ во акција на црногорската полиција, која го бараше за обидот за убиство на Марко Љубиша, познат како Кан, жител на Будва, пренесуваат црногорските медиуми од повеќе извори од Полициската управа на Црна Гора.

Според истите информации, Танасковски бил приведен во барака во тамошната населба Видрован, а освен него, полицијата му ставила лисици и на Нено Марковиќ од Никшиќ, за кого веруваат дека му помогнал да се крие, објавија подгорички „Вијести“.

Деветнаесетгодишниот Танасковски е осомничен дека се обидел да го убие Марко Љубиша-Кан, висок член на балканскиот нарко картел Шкаљарски клан, на 7 август 2025 година, во хотелот „Маестрал“ во Будва.

Полициската управа на Црна Гора соопшти дека службениците на Регионалниот безбедносен центар „Запад“ со помош на Секторот за борба против криминалот спроведоа целна, прецизна и координирана акција „со која бил пронајден, лишен од слобода, А.Т. (19), државјанин на Северна Македонија, член на организирана криминална група, осомничен за обид за убиство на член на спротивставена криминална група“.

„Исто така, службеници од Одделот за безбедност Будва, по наредба на државниот обвинител при Основното државно обвинителство во Никшиќ, го лишија од слобода Н.М. (34) од Никшиќ, поради сомнение дека сторил кривично дело помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело, на начин што, како што се сомнева, со давање помош и создавање услови што му овозможиле на А.Т. да избегне откривање и лишување од слобода“, соопштила тамошната полиција.

Истражните органи во Црна Гора имаа основано сомнение дека лани осомничениот за време на планирањето и подготовките користел лажна лична карта на име Ј.Г., државјанин на Србија, роден во септември 2006 година, како начин да се инфилтрира во хотелот и да ги реализира криминалните активности.

?Што се знае за Македонецот кој пукаше во Марко Љубиша – Кан: Бил во хотелот како српски државјанин, еве како избегал