
Полскиот премиер Доналд Туск денеска ја обвини Русија дека се обидува да поттикне нестабилност во Полска и предупреди дека руската ескалација може да продолжи, откако полските граничари забележале сомнително движење на руската страна од границата со Калининградската Област.
Како што објави „Асошиејтед прес“ (АП), Туск на седница на владата соопшти дека нешто по полноќ добил информација од Граничната стража за забележани лица со батериски ламби во близина на полско-руската граница.
„Нешто по полноќ добив информација од Граничната стража дека е забележано загрижувачко движење на полско-руската граница. На север. Лица со батериски ламби“, изјави Туск.
Тој рече дека полските власти брзо ги мобилизирале потребните сили и ресурси и спречиле можна провокација, но додаде дека не може со целосна сигурност да се потврди дали тоа навистина била намерата на забележаните лица.
Според процената на Граничната стража, ситуацијата барала мобилизација на силите и постојана контрола на теренот.
Туск откри дека полските и сојузничките разузнавачки служби извесно време добивале информации за можни саботажи и посериозни провокации на границата со Русија во првата половина на ноември. Предупредувањата вклучувале и можност вооружени лица да навлезат на полска територија.
Слични предупредувања, според полскиот премиер, добил и од врховниот командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, генералот Алексус Гринкевич, за време на неговата посета на Варшава во октомври.
Поради безбедносните процени, Полска распореди дополнителни полициски сили, вклучително и антитерористички единици, и ја засили Граничната стража. Специјалната операција се спроведува во североисточните региони Вармија-Мазурија и Подлаские, а во координацијата учествуваат полицијата, армијата, граничните служби и разузнавачките структури.
Туск предупреди дека безбедносната состојба може да остане напната и дека Полска мора да биде подготвена за можни нови провокации.
Паралелно со случувањата на границата, полскиот премиер ја обвини Москва дека се обидува да ги искористи внатрешните политички несогласувања во Полска за да создаде нестабилност. Тој посочи на спорот меѓу неговата проевропска влада и претседателот Карол Навроцки околу назначувањата во Уставниот трибунал.
Според Туск, руските претставници и политичарите блиски до Москва ја засилуваат политичката конфронтација во земјата, користејќи ја како можност за мешање во внатрешните работи на Полска.