
Полскиот премиер Доналд Туск во вторникот повика на прекин на ксенофобичните напади врз Украинците во Полска. Неговата реакција доаѓа по низата злосторства од омраза што последниве недели беа забележани во јавноста, а се случуваат во време на зголемени тензии меѓу Варшава и Киев, пишува „Ројтерс“.
Туск се огласи откако на социјалните мрежи се прошири снимка од напад врз еден Украинец и неговата девојка во Вроцлав. Во неделата, според достапните информации, по расправија во продавница нив ги нападнале и ги претепале тројца Полјаци. Двајца од напаѓачите беа уапсени во понеделникот.
„Секој кој прави вакви подли дела директно работи против полските интереси“, рече Туск на седницата на владата. „Работите против Полска, а во корист на Русија и на полскиот и украинскиот национализам.“
Иако Варшава и понатаму силно ја поддржува украинската одбрана, Украинците кои живеат во Полска последниве години се соочуваат со сè поизразено непријателство. Почетниот бран на сочувство по руската инвазија во 2022 година постепено беше заменет со замор од бегалската ситуација.
Односите дополнително ги оптоваруваат и историските тензии кои го достигнаа врвот по одлуката на Украина една воена единица да ја именува по група националистички востаници од Втората светска војна. Додека во Украина ги слават поради борбата против нацистите и Советите, во Полска ги осудуваат поради учеството во масакрите врз Полјаците. Поради тој спор, полскиот претседател Карол Навроцки во јуни му го одзеде највисокото полско одликување на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Полскиот дневен весник „Жечпосполита“ објави претходно во јули дека полицијата во првата половина од 2026 година забележала 180 пријави за злосторства од омраза против Украинци, што е пораст од 30 отсто во споредба со претходната година.
Инцидентот во неделата е само последниот во низата слични настани за кои известуваат локалните медиуми. Во Познањ на трамвајска станица бил претепан 60-годишен Полјак бидејќи застанал во одбрана на украинско момче кое вербално го нападнале тројца мажи.
Во градот Белско-Бјала на југот од земјата снимен е 54-годишен маж додека на национална основа навредувал две украински девојчиња. Во Легница на југозападот од Полска полицијата покрена обвинение против 26-годишна жена која нападнала две 13-годишни Украинчиња, наводно поради нивната националност.
Украинскиот амбасадор во Полска, Васил Боднар, во понеделникот изјави дека таквите инциденти се неприфатливи. Тој додаде дека се надева оти сторителите ќе бидат изведени пред правдата.