
Полскиот премиер Доналд Туск апелираше денеска до претседателите на Полска, Карол Навроцки, и на Украина, Володимир Зеленски, да го решат спорот околу новиот контроверзен назив на една украинска воена единица, со кој се величаат украинските националисти од Втората светска војна, пред овој спор да ја уништи солидарноста меѓу Полјаците и Украинците.
„Бидејќи дипломатијата не донесе никакви ефекти, јавно им се обраќам на претседателите Навроцки и Зеленски да објават директен и искрен разговор. Пред емоциите да ја уништат нашата солидарност, родена поради руската закана. Интересот на двете наши држави е соработката, а конфликтот е во интерес на Москва. Тоа веројатно им е очигледно на сите нас“, порача полскиот премиер на мрежата „X“.
Претседателот Навроцки кон крајот на мај побара на Зеленски да му биде одземен полскиот „Орден на белиот орел“ поради величање на украинските националисти кои за време на Втората светска војна, во борбата за независност против Советите, соработувале со нацистите, а во областа Волињ извршиле етничко чистење и убиле околу 100.000 тамошни Полјаци, но и чешко население во селата на западот од денешна Украина, како и еврејски сограѓани.
„За жал, претседателот Зеленски докажа дека Украина, бидејќи слави бандити и убијци од Украинската востаничка армија (УПА), ментално не е подготвена да биде дел од европското семејство“, реагираше тогаш Навроцки на одлуката на Зеленски една од единиците на украинската армија да го понесе името „Херои на УПА“.
Комисијата за „Орденот на белиот орел“ се состанува денеска за да го разгледа барањето на полскиот претседател. Иако тој самиот може да го одземе орденот без оглед на мислењето на комисијата, таквата одлука подоцна мора да ја потпише и премиерот Туск, кој исто така реагираше остро, но настојува овој спор да не фрли сенка врз односите додека Украина е во војна и се брани од Русија.
За полската страна, т.н. Волињски масакр – кога одредите на Украинската востаничка армија (УПА), воена фракција на Организацијата на украинските националисти на Степан Бандера, во 1943 година, во неделно претпладне нападнаа и убија луѓе во 150 полски, чешки и еврејски села – претставува воен злостор на геноцид.
Украинските историчари, особено од руската анексија на Крим, во прв план го истакнуваат тоа што УПА за време на Втората светска војна се борела против Црвената армија, занемарувајќи ја соработката со нацистите на Хитлер, а на етничките чистења и Волињскиот масакр гледаат како на симетрични мрачни воени случувања за кои се одговорни двете страни.
„Му зборував (на Петро Порошенко) уште порано дека со идеологијата на Бандера и со целиот тој багаж нема да влезат во Европската Унија, ниту во НАТО. Нема да преминат на Западот. И тоа треба пак да го повторуваме во круг“, изјави денеска во интервју за порталот „Виртуелна Полска“ лидерот на опозициските полски конзервативни националисти, Јарослав Качињски.
Лидерот на партијата „Право и правда“ им порача на Украинците да си најдат други народни херои, а Зеленски го обвини дека го направил ова (иако името го одбрала и го барала командата на Војската на Украина за да го подигне моралот на војниците на фронтот) затоа што размислува за реизбор, бидејќи веројатно има некои наговестувања дека војната набрзо ќе заврши.
Спорот околу тоа дали на Зеленски ќе му биде одземен „Орденот на белиот орел“, што би било дури вторпат во историјата кога станува збор за ова највисоко полско одликување, се заканува да ја загрози и големата меѓународна конференција за обнова на Украина при крајот на месецов во Гдањск, на која како главен гостин се очекува токму Зеленски.
Инаку, откако изби спорот, украинскиот претседател одбра во Лондон да патува преку Молдавија, наместо по стандардната рута преку Полска и аеродромот во Жешов.