Турски државјанин е лишен од слобода откако полицијата во близина на Куманово открила поголема количина кожен материјал за кој постои сомнение дека е предмет на криумчарење.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на 10 јуни мобилен тим од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграција, при контрола на патниот правец Куманово-Крива Паланка, околу 16:15 часот запрел товарно возило „Мерцедес Бенц“ со косовски регистарски таблички.

При проверката било утврдено дека возилото го управувал Т.Б.К. (26) од Турција. При преглед на товарниот простор, полициските службеници пронашле шест вреќи во кои биле сместени 118 парчиња кожен материјал со вкупна површина од околу 177 квадратни метри.

По консултација со дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, возачот бил лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“, предвидено во член 278-б од Кривичниот законик.

Осомничениот е приведен во Полициската станица Куманово, каде што се преземаат натамошни мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР.