
Шпанија во 2026 година би можела да достигне бројка од 100 милиони странски туристи и со тоа да ја престигне Франција како водечка светска дестинација, проценуваат туристичките претставници.
Претседателот на локалната туристичка асоцијација во Бенидорм, Феде Фустер, вели дека е оптимист.
„Ако продолжиме со ова темпо, набрзо ќе бидеме број еден“, изјави тој.
Земјата минатата година прими рекордно високи 97 милиони посетители, а само во април 2026 година се забележани 9,1 милион пристигнувања, што е за 5,2 отсто повеќе во споредба со истиот месец во 2025 година, пишува „Би-Би-Си“.
Војната во Иран и затворањето на дестинациите на Блискиот Исток и во источниот Медитеран, како Турција и Египет, дополнително ги насочија туристите кон Шпанија. Меѓутоа, растот на цените на горивата би можел да ги ограничи патувањата на Европејците, додека домашното незадоволство поради „прекумерниот туризам“ сè повеќе расте.
Од 2016 година во градовите како Барселона, како и на Балеарските и Канарските Острови, се одржуваат летни протести против преголемиот број посетители. Граѓаните се жалат на метежот, еколошките последици и растот на цените на кириите.
Активистите од синдикатот на станари („Sindicat de Llogateres“) предупредуваат дека сопствениците ги изнајмуваат становите по цени прилагодени за странските туристи, а не за локалните плати.
Премиерот Педро Санчез минатата година изјави дека има премногу сметувања преку „Airbnb“, а премалку домови за живеење, па владата ја казни оваа платформа со 65 милиони евра поради огласување нерегистрирани апартмани.
Барселона најави укинување на сите 10.000 дозволи за краткорочно изнајмување апартмани до 2028 година и зголемување на туристичката такса.
Туристичката индустрија предупредува дека таквите мерки би можеле да ја загрозат конкурентноста и работните места, додека локалните активисти бараат уште порешителни потези.
„Ако го изгубиме чувството за гостопримливост, ќе изгубиме сè“, вели Фустер, нагласувајќи дека секторот мора да најде рамнотежа меѓу економскиот раст и секојдневниот живот на граѓаните.