Танкерот за пропанот „Gas Lisbon“, кој плови под либериско знаме, беше погоден синоќа на дваесетина наутички милји од романскиот брег, објави романскиот претседател Никушор Дан. Бродот испловил од пристаништето Александрија во Египет и бил на пат кон украинското пристаниште Рени. Според медиумските извештаи, на танкерот дошло до експлозија, а се сомнева дека го погодил поморски дрон, пишува „Украинска правда“.

На местото на инцидентот набрзо пристигнаа два брода на романската Агенција за спасување на море. Целиот екипаж е евакуиран, а тројцата повредени членови се пренесени на копно, потврди претседателот. Според информациите на порталот „Digi24“, танкерот се наоѓа на 26 километри од брегот, наспроти градот Сфанту Георге.

На локацијата е испратен влекач кој го надгледува бродот за да не плута неконтролирано и да не ја загрози безбедноста на пловидбата. Бродот и понатаму гори, а до сите пловила во близина е издадено предупредување да го избегнуваат опасното подрачје.

Романскиот претседател Никушор Дан изјави дека се утврдуваат сите околности и причини за инцидентот. „Државните служби се во состојба на висока подготвеност. Се утврдуваат околностите, причините и одговорните за овој сериозен инцидент, кој најверојатно е дел од илегалната руска агресија врз Украина“, нагласи Дан. Извори наведуваат дека потеклото на поморскиот дрон, за кој се сомнева дека го погодил бродот, засега не е познато.

Инцидентот се случи само два дена откако руските сили завчера во Црното Море кај Одеса извршија ракетен напад врз трговскиот брод „Golden Leo“. Бродот пловел под знамето на Гвинеја-Бисао и превезувал жито.

Во тој напад загина украински пилот, а на бродот имало уште 17 членови на екипажот, државјани на Сирија и Индија. Украинската управа за морски пристаништа подоцна објави дека вкупниот број загинати во нападот врз „Golden Leo“ е десет.