
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 50 проценти на одредени производи од Канада, што ја отвора можноста за трговска војна со вториот најголем трговски партнер на САД. Трамп се повика на трговски закон од 1930 година, пишува „Си-ен-ен“. Според трите прокламации што Трамп ги потпиша во понеделникот, новите царини опфаќаат низа производи, од електрична опрема како разладни уреди до машини. Мерката ќе стапи на сила за 30 дена.
Администрацијата на Трамп ја темели одлуката на членот 338 од Законот за царини од 1930 година. Таа законска одредба му овозможува на претседателот воведување царини до 50 проценти без одобрение од Конгресот доколку се утврди дека некоја држава ги дискриминира американските производи. Законот, меѓутоа, досега никогаш не бил применет на овој начин.
Одлуката доаѓа откако Трамп минатата недела ѝ се закани на Канада со повисоки царини како одговор на последиците што канадските шумски пожари ги имаа врз САД. Сепак, висок претставник на администрацијата во понеделникот им изјави на новинарите дека овој потег не е поврзан со пожарите. „Претседателот има други опции за тоа прашање“, изјави функционерот.
Како официјална причина за новиот бран царини се наведува наводниот дискриминирачки третман на американските моторни возила, алкохолот и млечните производи во Канада.