Американската администрација од денеска воведува царини од десет и 12,5 проценти на стоката од 60 трговски партнери, меѓу кои е и Европската Унија, поради недоволно строга примена на забраната за принудна работа. Новите мерки стапуваат на сила во моментот кога истекува привремената глобална царина од десет проценти. Незадоволство од зголемувањето на царините изразија Австралија и Бразил.

Австралија притоа порача дека новите американски царини немаат смисла и изрази разочарување од одлуката според која царините за австралиската стока ќе се зголемат од десет на 12,5 проценти. „Според наше мислење, тоа навистина нема смисла“, изјави австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс за радио „АБЦ“.

Австралискиот министер за трговија Дон Фарел ги оцени новите американски царини како „целосно неоправдани“ и најави дека ќе продолжи да врши притисок врз американските трговски претставници за укинување на сите царини за австралиската стока.

Царините што Соединетите Држави им ги воведоа на Бразил и на уште 59 трговски партнери ги отфрли и бразилската влада, нарекувајќи ги целосно произволни и неоправдани. „Бидејќи нема правна основа во домашното законодавство за поддршка на својата протекционистичка трговска политика, Канцеларијата на американскиот трговски претставник одлучи да манипулира со прашање од голема важност за човековите права и движењето за работнички права“, порачаа од Бразил.

Според новата мерка, бразилскиот извоз во САД од петок ќе биде оданочен со стапка од 12,5 проценти. Бразил најави дека веднаш ќе покрене постапки за активирање на механизмите за одговор предвидени со неговиот „Закон за реципроцитет“ и случајот ќе го изнесе пред механизмот на Светската трговска организација за решавање спорови.

Инаку, станува збор за најновиот обид на Белата куќа да ја оживее визијата на претседателот Доналд Трамп од предизборната кампања за речиси универзални царини. Врховниот суд на САД во февруари ги поништи неговите „реципрочни“ царини во опсег од десет до 50 проценти, кои беа воведени врз основа на законот за вонредна состојба со цел намалување на американскиот трговски дефицит.