
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно изрази силна поддршка за развојот на суперинтелигенцијата (СИ), тврдејќи дека на американските сојузни држави таа технологија може да им донесе огромно богатство. Во објава на Truth Social, тој порача дека ќе соработува со државите што сакаат да инвестираат во нејзиниот развој.
„Како претседател, сто отсто ја поддржувам суперинтелигенцијата (СИ) и ќе соработувам со бројни американски сојузни држави кои сакаат да се ЗБОГАТАТ благодарение на неа“, напиша Трамп. „Тоа е ЗЛАТО и само лудите лидери ќе кажат ‘НЕ’ за богатството што го носи тоа!“, додаде тој.
Објавата на Трамп доаѓа во време на големи американски инвестиции во инфраструктурата за вештачка интелигенција, особено во дата-центрите и компјутерските системи потребни за развој на напредни AI-модели.
Таквите проекти можат да донесат големи вложувања и нови работни места, но истовремено бараат и големи количини електрична енергија, а одделни системи за ладење трошат и значителни количини вода. Трамп во објавата не наведе конкретни проекти, износи на инвестиции, ниту сојузни држави со кои има намера да соработува.