
Договорот меѓу САД и Иран нема да биде потпишан денеска, 14 jуни, соопшти Корпусот на Исламската револуционерна гарда, отфрлајќи ги претходните очекувања што ги изнесе американскиот претседател Доналд Трамп.
Според соопштението, инсистирањето договорот да биде потпишан токму на 14 јуни претставува дополнителен притисок врз иранскиот преговарачки тим.
Информацијата доаѓа откако вчера пакистанското Министерство за надворешни работи потврди дека за денеска е закажана виртуелна церемонија на потпишувањ на меморандум.
„Меморандумот не е завршен“
Револуционерната гарда преку својот канал на Телеграм соопшти дека иранските претставници веќе јасно ставиле до знаење оти документот сè уште не е финализиран.
„Иранските преговарачи експлицитно објавија дека меморандумот сè уште не е финализиран и дека потпишувањето во недела сигурно нема да се случи“, се наведува во соопштението.
Според нив, најавите од Вашингтон не соодветствуваат со реалната состојба на преговорите.
Роденден или дипломатија?
Во Техеран сметаат дека Трамп сакал евентуалното потпишување да се совпадне со неговиот роденден на 14 јуни.
Иранската револуционерна гарда оцени дека американскиот претседател се обидува процесот да го претвори во „спектакл за лична промоција“, наместо да се фокусира на содржината на договорот.
Трамп предупреди на „крајна алтернатива“
Трамп претходно изјави дека очекува договорот меѓу Вашингтон и Техеран да биде потпишан и нагласи дека неговата цел е да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје.
Истовремено, американскиот претседател порача дека САД располагаат и со „крајна алтернатива“ доколку дипломатскиот процес пропадне.
Засега останува нејасно кога би можело да дојде до евентуално потпишување.
Синоќа Аксиос објави дека на 14 јуни, САД и Иран, со посредство на Пакистан и Катар, и со учество на Египет и Турција, ќе одржат виртуелен состанок и електронски ќе потпишат меморандум за разбирање.
Со меморандумот треба да се продолжи прекинот на огнот за 60 дена, повторно да се отвори Ормуската Теснина и да започнат нови преговори за иранската нуклеарна програма.
Меморандумот за разбирање треба да придонесе за прекин на конфликтите во регионот и потенцијално стабилизирање на глобалните енергетски пазари.
Според извештаите, ова е резултат на речиси тримесечни преговори меѓу Вашингтон и Техеран, кои беа посредувани од Пакистан, Катар, Египет и Турција.
БОМБА ОД БЕЛАТА КУЌА Трамп откри детали за договорот со Иран
The post ТРАМП САКАЛ ДОГОВОРОТ ДА БИДЕ ПОТПИШАН НА НЕГОВИОТ РОДЕНДЕН Правиш спектакл, му одговори Иран appeared first on plusinfo.mk.