Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нападите на САД врз Иран се привремено суспендирани за да им се даде уште една шанса на дипломатските преговори. Тој во интервју за „Аксиос“ предупреди дека воените операции може повторно да започнат доколку разговорите не донесат конкретен резултат.
Според Трамп, преговорите се насочени кон отворање на Ормускиот теснец и постигнување нов договор за нуклеарната програма на Иран, а во нив посредуваат повеќе земји, меѓу кои Оман, Катар, Пакистан и Египет.
„Водиме многу сериозни разговори со Иран, но ако не успеат, ќе се вратиме со многу силни воени акции“, изјави американскиот претседател. Тој нагласи дека нема намера долго да чека на дипломатски исход, оценувајќи дека „или сè ќе се случи брзо или воопшто нема“.
Трамп рече дека одлуката за привремено запирање на нападите ја донел по барање на посредниците, додавајќи дека верува оти Техеран е заинтересиран за договор. Американскиот претседател најави и средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, на која една од главните теми ќе биде состојбата со Иран.
The post Трамп: Нападите врз Иран се паузирани, но не за долго ако пропаднат преговорите appeared first on Скопско ЕХО.