
Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави можноста за средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски. „Драго ми е што тие разговараат за средба. Мислам дека влијаевме на тоа. Мислам дека би било одлично доколку се сретнат“, им изјави американскиот претседател на новинарите во Овалниот кабинет, пренесуваат тамошните медиуми.
Трамп додаде дека, доколку дојде до средба, и Путин и Зеленски ќе мора да направат компромиси.
„Ги предложив тие компромиси. Мора да прекинат. Минатиот месец беа убиени 25.000 луѓе. Војници, главно војници. Имаше и цивили“, изјави американскиот претседател.
Зеленски синоќа предложи директна средба со рускиот колега за ставање крај на војната. Тој додаде дека Киев не сака „трајна војна“ и предложи отворање директни преговори меѓу двајцата шефови на држави во трета земја, наведувајќи ги Швајцарија, Турција или арапските земји како можни домаќини.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потоа одговори дека Зеленски може да дојде во Москва во кој било момент.
Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.