
Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини граѓаните на Соединетите Американски Држави за стромоглавиот пад на Волстрит во четвртокот, велејќи дека самите се виновни бидејќи гласале за кандидатите на Демократската партија.
„Берзата поради резултатите од изборите претрпе еден од најлошите денови во историјата. Колку е тажно да се гледа тоа! Вашите пензиски фондови поради тоа паднаа. Запомнете, тоа не беа републиканците, туку демократите“, напиша Трамп на својата мрежа Truth Social.
Во претходна порака тој порача дека берзата паднала бидејќи демократите оствариле огромна победа.
„Тоа е толку тажно да се види, сами сте си виновни“, порача Трамп.
Само еден ден претходно, Трамп на истата мрежа се фалеше дека берзата достигнала нов рекорд.
Dow Jones во четвртокот падна за 1.833 поени или 3,44 проценти. Nasdaq го имаше најлошиот ден од април 2025 година и го заврши денот за 5,52 проценти пониско. S&P 500 изгуби 4,36 проценти и се спушти на 7.353,73 поени, додека Dow Jones се запре на 51.523,06. Со ова Nasdaq влезе во корекција, бидејќи е повеќе од 10 проценти под врвот што го достигна минатиот месец.
Падот го избриша целиот раст од средата. Тој ден Dow скокна за 1.570 поени или 3 проценти, што му беше најдобриот ден од април 2025 година.
Најмногу паднаа акциите на технолошките компании и производителите на чипови. Nvidia изгуби околу 9,3 проценти од вредноста, а индексот на полупроводници Philadelphia повеќе од 12 проценти.