
Американскиот претседател Доналд Трамп устврди дека Украина во војната со Русија „не би издржала ниту ден или два“ без американското оружје и опрема. Изјавата ја даде пред новинарите во Белата куќа, пишува „Европска правда“.
„Да не беа нашата војска и нашата опрема, Украина денес не би можела да се бори за опстанок. Им дадовме опрема вредна стотици милијарди долари, и тоа најдобрата опрема. А ние ја произведуваме најдобрата опрема во светот. Без тоа не би издржале ниту ден-два“, изјави Трамп.
Трамп се осврна и на испораката на противтенковски ракети за Украина, веројатно алудирајќи на преносните системи „Џавелин“, кои му беа продадени на Киев за време на неговиот прв претседателски мандат.
„Се сеќавате на противтенковските ракети? Кога тенковите заглавија во калта, а тие потоа ги средија, бум-бум-бум-бум. Тоа им го дадов токму јас. Се зборуваше: ‘Обама даде чаршафи, а Трамп едно од најразорните оружја’“, изјави американскиот претседател.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес синоќа го усвои законот со кој се обезбедува воена помош за Украина, поддршка за обнова на земјата и се воведуваат нови санкции против Русија.
Предлог-законот беше ставен на гласање преку посебна процедура, таканаречена „петиција за изгласување“, со што се заобиколија редовните комитети. На демократите им се придружија 18 републиканци и еден независен пратеник, Кевин Кајли (Kevin Kiley), чиј глас овозможи отворање на процесот.
Во меѓувреме, американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио сигнализираше дека наскоро се очекува објавување на воена помош за Украина во вредност од 400 милиони долари, која Конгресот веќе ја одобри.