Со „Сејф сити“ до помалку човечки жртви во сообраќајот. За 10 месеци годинава трицифрените бројки на загинати од лани се намалил на двоцифрени. Ресорниот министер Панче Тошковски говорејќи на промоцијата на Националната стратегија за безбедност во сообраќајот посочи дека три и пол децении претходно Македонија беше земја со поразителни 150 жртви во сообраќајот годишно, во 2026 таа бројка е 84, со што сепак не може да сме задоволни.

Министерот изјави дека од почетокот на примената ќе бидат вклучени голем број возила на МВР, кои и лоцирани, но и во движење, ќе регистрираат прекршоци на учесници во сообраќајот.

Како што рече, возачите веќе научиле каде се поставени камерите на „Сејф Сити“ и таму ги почитуваат правилата, но каде што нема камери – „повторно имаме поинаков тип на управување моторно возило“.

-Со возилата на МВР ќе можеме да детектираме, пред сè, управување моторно возило со несоодветна брзина. Ценам дека таков тип на контрола е нужен за да можеме да го смириме сообраќајот и таму каде што немаме поставено камери. Оние што несовесно ги управуваат моторните возила полека научија каде се камерите и тоа е добро. Е, сега, не ќе може да претпостават каде ќе бидат полициските возила. Тие ќе може да констатираат прекршок и тој директно ќе биде внесен во дигиталниот електронски систем за доставување, спроведување, процесирање на сите прекршоци, изјави вчера Тошковски по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030.