
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вчеравечер на Топ Тема интервју на „ТВ Телма“ изрази уверување дека станува збор за пропуст во постапувањето на Јавното обвинителство за случајот „Мазут“ посочувајќи дека од формално-правен аспект не постои основ предметот да се смета за правосилно завршен во оваа фаза од постапката.
„Јас би сакал да верувам дека е направен пропуст во рамки на тековното работење на Јавното обвинителство, формално правно res-judicata кривично право не познава во овој дел од постапката, не познава такво нешто. Не смееме да дозволиме и никогаш нема да дозволам барем додека сум на оваа позиција предмет со такви страшни докази во насока на докажување на одредено кривично дело од кое ќе му се згади на македонскиот народ така да се затвори и нема да го дозволам тоа“, изјави Тошковски.
Тошковски додаде дека постојат повеќе правни механизми за повторно отварање на предметот „Мазут“ истакнувајќи дека Министерството за внатрешни работи располага со законски овластувања да презема дополнителни активности доколку дојде до нови сознанија што би можеле да придонесат за расветлување на одреден кривичен предмет и според Министерот, во таков случај МВР може да поднесе нова кривична пријава.