
Српскиот ланец парфимерии „Јасмин“ влегува на македонскиот пазар со преземање на продавниците „Космо“, кои досега беа во сопственост на компанијата „Тинекс-МТ“. Трансакцијата е официјално потврдена денеска, а сите четири продавници ќе продолжат да работат на постојните локации, под новиот бренд „Јасмин парфимерија“.
Станува збор за продавниците во трговските центри Скопје сити мол, Ист гејт, Дајмонд мол и Зебра. Новиот сопственик најавува целосно реновирање на објектите во првите два месеци по преземањето, како и проширување на понудата со нови светски брендови на парфеми и козметика.
Од „Јасмин“ потврдуваат дека вработените во преземените продавници кои сакаат да го продолжат работниот ангажман ќе можат да останат на работа. Компанијата најавува и понатамошно ширење на бизнисот во Македонија.
– Со задоволство влегуваме на македонскиот пазар. Ова е природен чекор во развојот на Јасмин како регионален играч и продолжување на нашата традиција долга седум децении. Продавниците ги преземаме заедно со луѓето кои ги водеа досега – нивното искуство и посветеност се основа на секој успешен чекор што го правиме напред. Во Скопје доаѓаме со јасна цел: да им понудиме на купувачите најдобар избор на парфеми и козметика, во современ амбиент и со стручен совет, како и да го прошириме асортиманот со нови брендови – изјави Драгослав Дражовиќ, сопственик на Јасмин.
Компанија со 70-годишна традиција
Основан во 1956 година во Белград, Јасмин веќе седум децении ги поврзува генерациите купувачи со светот на парфемите, негата и шминката. Со мрежа од 27 парфимерии низ Србија и тим од над 200 вработени, Јасмин сега ја продолжува својата приказна во Северна Македонија, негувајќи ги вредностите врз кои ја изгради довербата на купувачите – квалитет, стручност и посветеност.
Во понудата на Jasmin парфимерии се наоѓаат престижни светски куќи како Chanel, Dior, Lancôme, Guerlain, Yves Saint Laurent, Armani, Hermès… На српскиот пазар, Јасмин е и ексклузивен дистрибутер на брендовите за декоративна козметика Naj Oleari, Pupa, Artdeco и Diego dalla Palma и на парфемските брендови Atkinsons, Versace Atelier, Moresque, THOO и многу други.
Стручните советници на Јасмин посветуваат внимание на желбите и потребите на секој купувач, пружајќи поддршка при изборот и препораки засновани на знаење и искуство. Посебните погодности, промоции и настани во парфимериите овозможуваат производите да се запознаат одблизу, да се испробаат новитетите и да се откријат нови фаворити. Преку онлајн продавницата и дигиталните канали, Јасмин останува поврзан со купувачите и надвор од парфимериите, со содржини посветени на трендовите и актуелностите од светот на убавината.
Искуството од соработката со шминкери, инфлуенсери и beauty креатори во Србија, Јасмин го пренесува и во Северна Македонија, поврзувајќи се со локалната beauty заедница. Преку заеднички настани и размена на знаења и искуства, сака да им ги приближи светските брендови на македонските купувачи и да одговори на нивните желби и потреби. На тој начин, Јасмин тежнее да стане дел од локалната секојдневница и препознатлива адреса за сите што ја сакаат козметиката, ги следат трендовите и уживаат во откривањето нови фаворити од светот на убавината.
Продавниците остануваат на своите локации
Со трансакцијата, Јасмин го презема работењето на продавниците Cosmo и ќе продолжи да работи на истите локации во трите главни трговски центри во земјата – City Mall, Diamond и East Gate – како и во продавницата во трговскиот центар Зебра, која ќе ја изнајмува од Тинекс-МТ, сопственик на центарот.
Cosmo започна како прва дрогерија од овој тип во Македонија во 2009 година, како дел од семејството на Тинекс, и израсна во препознатлив специјализиран ланец со богат асортиман од над 15.000 производи, вклучително селективна и декоративна козметика, парфеми од реномирани светски куќи, природна и органска козметика, производи за нега на лице, коса и тело, како и ексклузивен дизајнерски накит од Шпанија и Италија.
Целосно реновирање и нов концепт
Во првите два месеци по преземањето, Јасмин ќе изврши целосно реновирање на сите продавници, со цел тие да бидат подготвени за нов, уште посовремен концепт и за нова понуда. Реновирањето ќе се спроведе во соработка со светските брендови што Јасмин ги застапува, со што продавниците ќе добијат современ амбиент и асортиман усогласен со најновите трендови во убавината и негата. Купувачите во Скопје со тоа ќе добијат пристап до понуда што досега не била достапна на македонскиот пазар.
Вработените остануваат, следи понатамошно ширење
Јасмин потврдува го продолжувањето на соработката со вработените на Тинекс-МТ во преземените продавници кои изразија желба да го продолжат работниот ангажман.
Компанијата најавува и понатамошно ширење на бизнисот со воведување нови брендови во асортиманот, следејќи ги современите трендови во убавината и здравјето и збогатувајќи ја понудата достапна за македонските потрошувачи.
– Cosmo ја изгради својата репутација како прва специјализирана дрогерија во Македонија и како препознатливо место за купување козметика и парфеми. Задоволство е што брендот и продавниците продолжуваат со работа на истите локации и со истиот тим, сега како дел од Јасмин, ланец со седумдецениско искуство во овој сегмент. Верувам дека заедно со новите брендови и со поширокиот асортиман што доаѓа со Јасмин, купувачите во Скопје ќе добијат уште подобра понуда – изјави Кристина Тодоровиќ Николиќ, управител на Cosmo.
Македонскиот ланец „Космо“ почна со работа во 2009 година како дел од групацијата „Тинекс“ и досега нудеше повеќе од 15.000 производи од областа на козметиката, парфемите и личната нега.
Како инвестициски советник во трансакцијата, настапи фирмата Ахиос од Скопје, специјализирана за продажба, купување и преземање на бизниси (M&A).
The post „ТИНЕКС“ ГО ПРОДАДЕ „КОСМО“ НА СРПСКА КОМПАНИЈА „Јасмин парфимерија“ најави ширење на бизнисот appeared first on plusinfo.mk.