
Германија повлече два морнарички брода од Џибути во источниот Медитеран откако проценките во Берлин покажаа дека конфликтот со Иран нема наскоро да се смири и дека мисијата во Ормускиот теснец останува неизвесна.
Бродовите „Фулда“ и „Мозел“ беа со недели во приправност за можна меѓународна операција за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот теснец, стратешки важен премин над кој Иран полага право на контрола.
Германското министерство за одбрана соопшти дека бродовите сега се пренасочени од Џибути кон источниот Медитеран, каде што ќе чекаат понатамошни наредби.
Европските земји по почетокот на американско-израелската војна против Иран крајот на февруари најавија дека би можеле да испратат морнарички сили во мултинационална мисија.
Услов за такво ангажирање беше конфликтот да се намали до ниво на кое нивните бродови не би биле изложени на оган, но Берлин сега проценува дека изгледите за такво опкружување се слаби бидејќи отворените непријателства меѓу Иран и Соединетите Американски Држави повторно ескалираа по краткото затишје.
На одлуката влијаеше и технички фактор. Официјални лица од германската морнарица наведоа дека системите за ладење на двата брода, кои користат морска вода, не се проектирани за високите температури во подрачјето на Аденскиот Залив, додека источниот Медитеран е попогоден за пловила изградени пред повеќе децении за операции во северниот Атлантик и водите близу Германија.
Министерството за одбрана наведува дека пренасочувањето е усогласено со меѓународните партнери и дека „Фулда“ и „Мозел“ ќе останат на располагање за идна операција во Ормускиот теснец доколку се појават „трајни показатели за скорешен почеток“ на таквата мисија.
Себастијан Брунс од Кралското шведско друштво за поморски науки оцени дека европските партнери ќе го разберат потегот на Берлин, но ја критикуваше претходната одлука на германската влада нарекувајќи ја „симболична политика“.